за

Италијанската полиција го избра Seat Leon за ново службено возило

Seat Leon победи на тендерот на италијанските полициски сили. Во следните години, четири илјади шпански автомобили ќе служат во чувањето на јавниот ред на целата територија на Италија.

Seat победи на тендерот за снабдувач на италијанските полициски сили со моделот Leon. Првите 206 возила се веќе предадени, со 106 возила за карабиниерите и уште 100 возила за државната полиција. Договорот предвидува испорака на вкупно 4.000 возила во следните три години. Досега се нарачани 925 возила, од кои 475 „пантери“ (за државната полиција) и 450 „газели“ (за карабиниерите).

seat leon policijaПрвпат се случува обете полициски сили да изберат иста марка и ист модел. Клучните фактори за изборот, како што наведува шпанскиот производител, биле ниската потрошувачка на гориво и ниската емисија на штетни материи, како и високиот квалитет и ниските трошоци за одржување. Seat лани ги зголеми испораките на возила за службени потреби за 33 проценти, со вкупно 68.900 возила, што секако учествува и во постигнатото зголемување на продажбата за 10 проценти. Најчесто возило во службените возни паркови е комбито Seat Leon ST.

Блиндирана каросерија за дополнителна заштита

Како основа за новите автомобили на италијанската полиција служи комбилимузинската верзија на Leon со пет врати, со дволитарски TDI со 150 КС. Моќта во секој случај ќе им биде потребна на полициските возила, во чијшто преден дел е поставена заштита од напади со нискокалибарско оружје. Во пакетот за заштита спаѓаат и специјални гуми, како и модифицирано подвозје. Покрај тоа, полицискиот Seat Leon е опремен со стандардниот арсенал на силите на јавниот ред, со ротациски светла и сирена, радиокомуникациска опрема, држачи за оружје и задна клупа изведена како „затворска ќелија“, посебно одвоена од полициските службеници на предните седишта.

Обемни тестирања на издржливоста на „пантерите“ и „газелите“

Обете полициски сили извршија обемни тестирања на новите службени возила, со прекар „газели“ и „пантери“. Блиндираните врати се отвораа и затвораа 100.000 пати, се направија и непрекинати тест возења во должина од 30.000 километри, со запирање само за дополнување гориво и замена на возачите.

Возилата произведени во шпанскиот Марторел се испорачуваат во Кивасо, во Италија, кадешто се врши модификацијата на возилата според спецификациите на полицијата. Фирмата NCT, скратено од Nuova Carrozzeria Torinese, работи на полициските возила во Италија уште од 2003 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Американските власти ќе го казнуваат Fiat поради премолчани дефекти

Автомобили разменуваат предупредувања за опасност на патот