за ,

Изнајмување зимски пневматици место купување?

Месечно изнајмување место купување се нуди како можност за поевтино снабдување со зимски пневматици – барем за германските возачи. Оваа единствена идеја може набрзо да стане практика во повеќе држави, доколку моделот на изнајмување навистина се исплатува.

Исто како што се плаќа рамна тарифа за користење мобилен телефон или стриминг-услуги, така може да се обезбедат и пневматици за автомобилот. Фирма во Германија отсега нуди рамна тарифа и за снабдување со пневматици. Корисниците можат преку конфигуратор да ја состават саканата претплата за период од 12 до 24 месеци. Во понудата се наоѓаат летни пневматици со димензија од 15 до 20 инчи, зимски пневматици со димензија од 14 до 18 инчи и пневматици за теренци со димензија до 21 инч.

Пневматиците се од марката Z Tyre, производ на Zenises, приватна компанија во сопственост на Индиецот Харџив Кандари. Јавноста првпат слушна за оваа марка во мај годинава, откако Z Tyre влезе во Гинисовата книга на рекорди со најскапиот пневматик во светот, вреден 600.000 долари. Според компанијата, станува збор за марка пневматици со висок квалитет, лансирана првенствено со идеја да ги нуди пневматиците како услуга, место како производ, односно наменети за изнајмување, место за слободна продажба.

За користењето на пневматиците се плаќа месечна рата и возачот повеќе не мора да се грижи за набавка на летни или зимски пневматици. Во ратата е вклучено и осигурување од дефект, кражба или вандализам, што секако е од дополнителен интерес за користење на новата услуга.

Фирмата нуди неколку видови претплата. Во првиот вид е вклучено користење четири летни и четири зимски пневматици, по месечна рата од 2,25 евра по пневматик, односно 9 евра за сите четири пневматици. Вториот вид е наменет само за корисниците што имаат потреба од изнајмување само зимски или летни пневматици и во тој случај се плаќа месечна рата од 3,99 евра по летен, односно 2,99 евра по зимски пневматик. Овие цени се однесуваат на најмалите димензии на гуми и истите се соодветно повисоки кај поголемите димензии.

За возачите што минуваат помалку од 5.000 километри во летната или зимската сезона, во обете претплати се нуди и поевтина опција. Договорот може да се раскине при продажба на возилото, а постои и можност за откуп на пневматиците по истекот на минималниот период на користење. Доколку возачот не е задоволен, може да ги врати пневматиците во рок од 14 денови кај овластениот дилер Z-Store.

По изборот на саканата претплата и димензијата преку интернет конфигураторот, возачот избира овластена сервисна работилница за вградување на пневматиците и договара термин што не е подоцна од две недели. Кога пневматиците ќе бидат подготвени за вградување, возачот добива е-пошта со резервација на термин.

Пример за комбинирана претплата за 4 зимски и 4 летни пневматици за договорен период од 24 месеци:

  • 4 летни пневматици Z1, со димензија 195/55 15 85 V – 2,49 евра по парче
  • 4 зимски пневматици Z8, со димензија 195/60 15 88 H – 2,49 евра по парче
  • Без ограничување во изминати километри
  • Цена за рамна тарифа 19,92 евра месечно
  • Цена за рамна тарифа 239,04 евра годишно

Во услови кога на онлајн-пазарот можат да се набават премиум модели на пневматици од водечките производители по цена од околу 60 евра по парче или околу 240 евра за четири пневматици, понудата на Z Tyre со 4 зимски и 4 летни пневматици на прв поглед е поевтина за половина. Но, корисникот на рамната тарифа на Z Tyre ќе мора да ја плати истата сума и за втората година на користење, што значи дека повторно плаќа двојно, односно е исто како и да ги купил пневматиците.

Дали ваквите понуди навистина се поволни и нудат предности за корисникот?

Предноста на Z Tyre во тој случај се сведува само на осигурувањето од дефект или кражба, како и можноста за замена на пневматиците, доколку корисникот успее да ги истроши за време на договорот. Понудата на Z Tyre се чини како обид на производителот да најде пласман за своите производи, настрана од нормалниот пазар, кадешто големите производители владеат суверено.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo V90 и V60 Polestar се двојка на спротивности: Елеганција наспроти 367 КС

Местото на автомобилот е дома кога надвор дивее ураганот Метју