за ,

Измамата кај дизелот на Opel е откриена уште пред еден месец

Уште пред крајот на септември, германското еколошко здружение го информирало Opel за утврдените отстапувања кај 1,6-литарскиот дизел. Во меѓувреме има нови сознанија за лажирањето.

Германското здружение за заштита на животната средина денес ги објави резулатите од тестирањето на издувните гасови кај Opel Zafira 1.6 CDTi, спроведено во лабораторијата на техничкиот факултет во Берн, Швајцарија. Деталните тестирања на овој мотор во поглед на недозволената емисија на штетни азотни оксиди во издувните гасови биле извршени откако здружението открило можности за присуство на манипулации во моторот. Утврдено е дека емисијата на NOx била и до 17 пати над дозволената. Повеќе за тоа можете да прочитате во претходната објава.

Од техничкиот факултет во Берн ги образложуваат резултатите од тестирањето: „Мерните резултати покажуваат дека возилото се однесува различно кога пробните валци работат во модус за 4 и за 2 тркала.“ Покрај тоа, кога задните тркала не вртат, утврдено е следното отстапување: При континуирано зголемување на брзината до 150 km/h, емисијата на NOx расте прекумерно и ја пречекорува мерната скала на уредот за анализа. Експертизата на факултетот заклучува: „Ова однесување може да се објасни со исклучувањето на дозирањето на AdBlue. Слично однесување не може да се утврди при работа на пробните валци во модус за 4 тркала.“

Во лабораторија едно, во реални услови друго. Манипулација постои

Целата „финта“ е во тоа што возилото покажува вредности во рамките на дозволеното кога истото е поставено на пробни валци во модус за 2 тркала, односно во модусот при којшто се врши легалното мерење на издувните гасови. Но, во реални услови на возење, односно кога пробната рампа работи во модус за 4 тркала, системот го исклучува дозирањето на адитивот AdBlue и од издувот на 1,6-литарскиот дизел на Opel излегува недозволена количина на азотни оксиди.

Уште на 21-ви септември, германското еколошко здружение доставило детален прашалник до Opel за постоењето на уреди за деактивација на контролата на издувните гасови. Четири дена подоцна, пристигнува одговорот од Opel: „Софтверот што е развиен од General Motors не поседува функции што препознаваат дали возилото во моментот се наоѓа на проверка на емисијата.“

На 19-ти октомври, по добивањето на прелиминарните резулати од тестот во Швајцарија, здружението повторно побарало објаснување. На тоа, Opel одговорил дека по спроведените сопствени тестирања со соодветно возило е тестирано според законските прописи, на пробна рампа во модус за 2 и за 4 тркала, при што немало отстапувања меѓу одделните мерења.

Германското еколошко здружение доставило налог за преземање на законските мерки до сојузната служба за моторен сообраќај и во случајот со Volkswagen. Доколку сојузната служба не одговореше со сервисен повик, здружението ќе покренеше тужба до производителот.

Германскиот министер за транспорт Алексдандер Дорбринт следната недела патува за САД, да разговара со американскиот колега Ентони Фокс околу аферата Дизелгејт што отпочна во САД и со Volkswagen. Од Волфсбург претходно објавија дека нивните нови дизел мотори од генерацијата EA288 ги задоволуваат сите норми. Opel е европски огранок на General Motors. Ја разбирате врската?

Во продолжение можете да ја погледнете галеријата околу недозволените емисии на Opel Zafira 1.6 CDTi.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Скандалот со дизелите се проширува во Opel. Тие „лажат“ поинаку од Volkswagen

Сопствениците на McLaren P1 GTR немаат со кого да се натпреваруваат