за

Изведба „М“ како награда за продажниот успех на BMW X4

BMW X4 отсега е рамноправен со „постарите“ модели во понудата на марката, откако и тој доби спортска верзија со знакот на M GmbH. Премиера има шестцилиндарецот од три литри со 360 КС.

Успешната моделска серија на помалиот брат на BMW X6 доби спортска верзија подготвена во M GmbH исто како и сите останати модели со подолга традиција во баварската марка. BMW X4 M40i се препознава уште однадвор, по деталите во носот и во ретровизорите кои се лакирани во феритно-сива металик боја, како и по бандажите од 20 инчи со двојни краци и различна димензија на гумите на предната и задната оска. На тоа се надоврзува спортски издув со регулирана клапна и издувни цевки од обете страни, во финиш на црн хром.

Типичниот карактер на BMW M го пречекува возачот во ентериерот со спортски кожен волан и рачка на менувачот во стилот на M GmbH, како и со спортски седишта и специјални прагови. За возачот да не заборави во каков автомобил седнува, во таблата со инструменти пречекува натписот X4 M40i.

Прво вградување на новиот турбо-шестцилиндарец со 360 КС

Срце на моделот е новиот шестцилиндарски мотор во линија, со зафатнина од три литри и турбонатполнење. Новиот трилитарец премиерно се вградува во X4 M40i и располага со моќност од 360 КС при 5.800 вртежи во минута и вртежен момент од 465 њутнметри. Според фабрика, просечната потрошувачка изнесува 8,6 литри на сто километри. Забрзувањето до сто трае помалку од пет секунди, а крајната брзина е ограничена електронски на 250 km/h.

За оваа моќ да се пренесе целосно на асфалтот се грижи посебно дотерано спортско подвозје, со подебели пружини и стабилизатори, зголемен затур на предната оска, посебно дотерување на приспособливите амортизери од M Performance, вклучувајќи и зафати во електронската логика на погонот на сите тркала BMW xDrive со нагласок на задната оска, заедно со Performance Control, за неутрални возни својства, смалено наведнување во свијоци и максимално уживање во возењето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јапонците влегуваат во иднината: Напролет стартува роботизирано такси

Јирген Клоп: На амбасадорот на Opel повеќе му е мил Porsche Cayenne