за

Идеолошка утка на BMW: Спортски пакет М за семејниот ван

Побуната на традиционалистите за воведувањето на семејниот ван во понудата на BMW сега добива и официјална потврда. По инерција, Баварците го нудат спортскиот пакет М за Active Tourer. Комично.

Некои модели е најдобро да останат тоа што се. Семејниот ван треба да остане семеен ван, без спортски претензии. Уште не стивнале реакциите на ентузијастите на марката за преоѓањето на преден погон, за новата генерација трицилиндарски мотори и за воведувањето ван во понудата, а BMW веќе го прави следниот грев: Спортски пакет со светиот знак на M GmbH во Active Tourer!

P90144965

Замислете ја следнава ситуација во семејниот ван Active Tourer: Мажот ги лови свијоците на граница на стабилноста, додека сопругата плете спокојно на совозачкото седиште, а децата играат јамб на задната клупа. Не оди, нели? Постоењето на можноста ванот да се опреми со пакетот M помалку ќе ги иритира идните сопственици на моделот, отколку оние што тераат роден динамичар на марката, на кого што му доликува дополнително надградување на возните својства.

P90144966

Сигурно знаат подобро во BMW. Од ноември ќе биде достапен спортскиот пакет М со спојлери, спортски дотерано подвозје, вклучувајќи динамична програма за приспособливата амортизација и бандажи од 17 или 18 инчи во стилот на M GmbH, како и со спортски волан, алуминиумски прагови и педали, хромиран издув и спортски седишта, од кои последниве ја имаат специфичната мустра за „спортската подмарка“ на BMW.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren го затвори и списокот за чекање на P1

Новиот Smart на завршно тестирање во Поларниот Круг