за ,

Зошто Toyota го стега вентилот за автомобилот со погон на водород?

За следната година Toyota трикратно ќе ја зголеми продукцијата на водородниот автомобил. Но, тоа не значи дека сите што сакаат да купат Mirai ќе успеат да го добијат

Само за еден месец, за автомобилот со погон на водород пристигнаа 1.500 нарачки. Toyota планираше да произведе 700 возила за цела година. Слатки проблеми за јапонскиот гигант.

Светот ѝ благодари на Toyota за хибридниот погон. Погонот со две срца што до пред пет или шест години сé уште се сметаше како алтернативен погон, денес е реалност во сите класи и сите сорти на автомобили, почнувајќи од Toyota Yaris и Honda Jazz, па сé до суперспортските болиди како Ferrari Laferrari, Porsche 918 или McLaren P1. Јапонците ја искористија доминацијата на глобалниот пазар и ја имплементираа својата визија во уличното секојдневие. Хибридот е новиот дизел.

Mirai нема проблеми со автономијата и чекањето да се наполнат батериите – водородот е „батеријата“

Додека чистиот електричен погон уште се соочува со пречки и очекуваната динамика во развојот отсуствува, Toyota веќе го реализира следниот чекор во еволуцијата – погон на водород. Mirai е првиот сериски автомобил со погон со горивни ќелии и од средината на декември се продава на домашниот пазар. Погонот на Miraj ја користи хемиската реакција меѓу чистиот водород во резервоарите и кислородот од атмосферата за добивање електрична струја, којашто понатаму го снабдува погонскиот електромотор со енергија. Со водородот под притисок во резервоарите може да се вози исто толку далеку како со конвенционалните автомобили, нема чекање за полнење за батериите како кај електричните автомобили. Единствен проблем е недоволно развиената инфраструктура од станици за точење водород.

Како Toyota можеше толку да го потцени пазарот? Или?

Можеби изгледа како проблем и тоа што Toyota во моментов не може да го покрие огромниот интерес за автомобилот. За еден месец, Јапонците добија 1.500 нарачки за Mirai, а продажбата уште не стартувала во САД и Европа. До крајот на годинава Toyota ќе произведе „само“ 700 примероци од водородниот автомобил, што значи дека повеќе од половината од „јануарските“ купувачи на Mirai ќе чекаат нивниот автомобил да се испорача дури во 2016 година. Уште колку нарачки ќе добие Toyota за револуционерниот автомобил до крајот на следниот месец и до почетокот на следната година?

Mirai во основата е електричен автомобил, со таа разлика што место од батериите, енергијата доаѓа од хемиската реакција на водородот и атмосферскиот кислород
Mirai во основата е електричен автомобил, со таа разлика што место од батериите, енергијата доаѓа од хемиската реакција на водородот и атмосферскиот кислород

Денес Toyota објави дека планот за продукцијата за следната година изнесува приближно 2.000 возила и уште една илјада возила повеќе за 2017 година. Како е можно светскиот гигант толку да се пресметал? Има повеќе причини за стегањето на вентилот. Прво, цената од седум милиони јени или околу 50.000 евра на јапонскиот пазар, без давачки, минимално ги покрива трошоците за производство на Mirai, без разлика што автомобилот користи голем дел од погонската техника на хибридните автомобили на Toyota, што ја „поевтинува“ новата техника. Многу поверојатно е дека Toyota губи пари од секој продаден Mirai.

Многумина можат да купат Rolls-Royce, но колкумина ќе чекаат толку долго на него?

Од друга страна, не може да се дозволи светот да се преплави со револуционерната техника преку ноќ. Тоа што може да мине како револуционерна технологија во потрошувачката електроника или во некојаси козметика и повторно да се изгуби од пазарот за само неколку месеци, откако ќе спласне еуфоријата, без никој да биде во штета од тоа, кај автомобилите не смее да се случи. Технологијата во индустријата на четири тркала доаѓа за да остане. Италијанските, а делумно и француските марки згаснаа токму поради пречестите и скапи, а неуспешни експерименти.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе е првиот „сопственик“ на Toyota Mirai
Јапонскиот премиер Шинзо Абе е првиот „сопственик“ на Toyota Mirai

Toyota свесно остава да созрее свеста за Mirai, автомобилот да биде недостижен за купувачите поради долгите рокови на испорака, ентузијастите да го посакуваат. Во меѓувреме продолжува и проширувањето на инфраструктурата од станици за точење водород. Не случајно, во денешното соопштение од Toyota е напишано јасно: „Продажните планови за Јапонија, САД и Европа, соодветно на зголемувањето на продукцијата, во секој регион ќе се формулираат со земање во предвид на нивото на развој на инфраструктура за водород, енергетската политика, субвенциите за автомобили, побарувачката, еколошките стандарди и други фактори.“ Некој праша еднаш, кој ги „прави“ производите – потрошувачите или производителите?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota останува најголем автопроизводител во светот

Воздушниот хибрид на Peugeot и Citroen издиша