за

Зошто Lada 1200 е одличен избор за олдтајмер?

Олдтајмерите се слабост на многумина, но не можат сите да си ги дозволат. Некои олдтајмери сепак се достапни, а вредни, единствено колективната меморија сé уште не ги забележува како такви. Lada 2101, на пример.

Сте размислувале да набавите олдтајмер, но високите цени не ви дозволуваат да си ја исполните таа желба? Не мора човек да биде берзански брокер за да вози добар олдтајмер. За Mercedes или BMW од најдобрите возачки денови на дедовците мора да се издвојат солидни суми, а старите модели на Porsche почнуваат да достигнуваат астрономски цени. Но, меѓу сите овие скапоцености на четири тркала коишто се појавуваат единствено на собирите на историски возила, постојат неколку егзотични автомобили на коишто ретко кој помислува, а нивната цена е повеќе од достапна, гледано според стандардите на сцената на олдтајмерите. Овие модели не само што можат да се купат евтино, туку и одржувањето им е евтино. Резервни делови за нив се наоѓаат релативно лесно, па за замена на издувот, на пример, не мора да се издвојува половина годишна плата.

Руски челик за Италијанците во замена за автомобили и фабрика

Lada 2101 е еден од тие автомобили. Во средината на 1960-те години, Советскиот Сојуз склучи договор со Fiat, во тоа време близок до комунистичката партија во Италија. Русите добија лиценца и технологија за производство и изградба на фабрика за Fiat 124 во Тољати, а на Италијанците за возврат им се испорачуваше руски челик. Но, зошто токму Lada 2101 или Lada 1200 за извозните пазари e добар избор на олдтајмер? Затоа што автомобилот го носи најдобриот италијански дизајн од ’60-те години, а достапен е по цена на автомобил што никој не го смета како потенцијал за олдтајмер.

[pull_quote_center]Lada 1200 е реминисценција на едно време кога на тукашните улици доминираа „комунистичките“ автомобили, тотално различно од денешното, кога по улиците се возат стриктно големи западни автомобили стари дваесет години, во малку ‘поинаков’ режим[/pull_quote_center]

Техниката на Lada е издржлива, дури и лаиците можат да поправат многу работи на возилото. Кабината е изненадувачки просторна, комфорот во возењето исто така ќе изненади многумина, а во добро одржувана состојба, оваа Lada ниту на најгруба калдрма нема да се „затресе“. Русите извршија неколку зафати во амортизацијата, омекнувајќи ја и приспособувајќи ја за тамошните услови на возење. Но, цената е тоа што привлекува најмногу, сигурно дека никој нема да се залета поради другите квалитети шти ги поседува рускиот Fiat, како прв модел произведен во Тољати. Од сите класични олдтајмери што можат да се најдат на пазарот, Lada е најевтина. Толку.

Lada 1200 S (1977-1988)
Lada 1200 S (1977-1988)

Од фабриката во Тољати што беше изградена специјално за моделот 2101, Русите за време на студената војна испорачаа милиони примероци возила по целиот источен блок, секако вклучувајќи ја и Македонија, како дел од тогашниот југословенски сојуз. Ќе се изненадите колку примероци од првата Lada може да се сретнат во помалите населени средини, повеќето од нив во возна состојба и користени редовно. Со повеќе среќа би можело да се најде и примерок премачкан со Elaskon за заштита од корозија. За „италијанската“ врска: Првата работа што ќе ви ја кажат познавачите на моделот е дека Lada 2101 има подебела каросериска ламарина од Fiat 124, или конкретно тежи цели 90 килограми повеќе.

Повеќето од виталните делови може да се најдат нови, проблем е само ентериерот

Во поглед на снабдувањето со резервни делови исто така не постои причина за загриженост. Само 2101 е произведен во милиони примероци, а неговите наследници со истата техника во уште милиони примероци. Наследниците Lada 2105 и Lada Riva се разликуваат единствено во каросеријата, додека техниката во основа е идентична. Речиси сите делови може да се нарачаат преку интернет, по неверојатно достапни цени – секако, според стандардите за олдтајмери. Комплетно нов петстепен менувач чини 600 евра. Единствено е проблем набавката на делови од кабината, коишто не можат да се најдат нови. Со малку мака ќе се најде трговец што нуди добри и евтини користени делови. За ориентација, цената на предните сопирачки дискови на порталите за трговија преку интернет изнесува во просек околу 30 евра, на сопирачките плочки половина од тоа, ново предно крило 70 евра, нов алтернатор околу 90 евра. Овој автомобил едноставно е ненадминлив во тој поглед.

Почесно место за ВАЗ 2101 во музејот на АвтоВАЗ
Почесно место за ВАЗ 2101 во музејот на АвтоВАЗ

Слаба точка на рускиот Fiat 124 е ламарината. Малите оштетувања од корозија на вратите и крилата се сосема во ред и истите можат да се заменат со нови и евтини делови, но ако има потреба од комплицирано заварување кај примерокот што сакате да го „претворите“ во олдтајмер, можеби е подобро да се побара друг модел. Техниката е наједноставна, но затоа е издржлива, а моторите тешко дека некому ќе му влезат во душа, но затоа се неверојатно робусни и трајни, па дури и штедливи. Со помалиот мотор од 1,2 литар може да се мине со осум литри бензин во град, секако доколку техниката е беспрекорно одржувана. Постарите модели со контактно палење може да се префрлат на електронско палење со кит што чини околу 80 евра. Lada 2101 заслужува препорака како материјал за олдтајмер и при изборот секако вреди да се инвестира и во поскапа понуда на пазарот.

Технички податоци

ВАЗ 2101 Жигули / Lada 1200 (2101)

1970-1982 / 1971-1982

Мотор ВАЗ 2101, вграден напред надолжно, четири цилиндри, два вентила по цилиндар, степен на компресија 8,5:1, зафатнина 1198 cm3, моќност 64 КС при 5600/min, вртежен момент 87 Nm при 3400/min, погон назад, мануелен менувач со четири степени, управување со полжавест преносник, должина на каросерија 4073 mm, ширина 1611 mm, висина 1440 mm, меѓуоскино растојание 2424 mm, ширина на трага на тркала напред/назад 1345/1304 mm, растојание од подлога 170 mm, тежина на празно возило 955 kg, максимална тежина 1355 kg, крајна брзина 142 km/h, забрзување до 100 km/h за 20,0 ѕ, резервоар 39 l, багажник 385 l, круг на вртење 11,2 m, реална потрошувачка на гориво околу 8 l/100 km

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bentley со награда за најдобар концепт на престижниот собир во Вила д’Есте

Škoda Superb Combi со багажник од два метра кубни