за

Зошто на Opel итно му е потребна нова Astra

Шефот Нојман најави полесна, поголема и поштедлива Astra K. Но, дали тоа ќе биде доволно против конкурентските Golf и Focus?

Продажбата на Astra е катастрофална. Таа е на 17-то место, далеку зад конкурентите Golf и Focus. Застарените мотори, малечката кабина и преголемата тежина се само дел од причините за слабата продажба.

Прво и основно, бројките. Astra не се продава. Никогаш досега не се случило компактот на Opel да падне толку ниско во продажбата, па дури и во времињата кога сопствениците на Astra мораа повеќе да ги посетуваат сервисите на марката, отколку станиците за точење гориво, поради проблемите со квалитетот на возилото. Според официјалните статистики за европскиот пазар за првиот квартал од 2015 година, Astra се наоѓа далеку на 17-то место, со 46.676 продадени примероци, со огромен заостаток зад Ford Focus (63.779 примероци) или Volkswagen Golf (161.916 примероци). Што точно значи 17-то место? Opel продава од својот „народски“ автомобил исто колку што Mercedes продава од својата престижна класа C, па дури и Audi A3, исто така модел од премиум сегментот, бележи подобри резултати во продажбата во Европа. Или уште поточно, Astra се продава само малку послабо и од нив.

Актуелната Opel Astra J е само слаба сенка на претходниците. Недостигаат идентитетот и иновацијата од времето на Kadett и првата Astra
Актуелната Opel Astra J е само слаба сенка на претходниците. Недостигаат идентитетот и иновацијата од времето на Kadett и првата Astra

Трендот на продажба до крајот на годинава ќе продожи да бележи надолна линија, па дури и уште порапидно, додека стартува новата генерација, штотуку најавена од шефот Нојман. Секако дека Opel ќе се обиде да ја задржи продажбата со истата погубна стратегија, како со Corsa и Insignia, одобрувајќи неверојатни попусти и губејќи пари со секое продадено возило. Дури и актуелната цена од 12.700 евра за најевтината верзија на Astra ќе „отиде“ уште пониско.

Новата Astra е единствен модел што може да го спаси Opel

Производителите имаат повеќе модели и секогаш се наоѓа некој што ќе ја извлече ситуацијата. Но, Opel во моментов не располага со таков модел. Единствен што може да донесе повеќе пари во касата на марката од Риселсхајм е моделот од средната класа Insignia. Но, ниту таа не може да помогне. Insignia има уште поголем проблем да се одржи себеси на пазарот, а не да ја спасува марката. Пристигањето на новите генерации на Volkswagen Passat и Ford Mondeo го потисна големиот модел на Opel на 19.415 примероци, што претставува пад од 10,9 проценти во споредба со првиот квартал лани. Наспроти тоа, Passat во истиот период се продаде во дури 57.736 примероци, забележувајќи раст од 30,9 проценти. За ориентација каде моментно е местото на Insignia: Таа се продава исто колку исмеваниот Citroen C4 Cactus. Очигледно дека европските купувачи се повеќе расположени да платат „екстра“ за Volvo XC60, којшто во првиот квартал има реализирано иста продажба како Германецот.

Но, што доведе до оваа незавидна ситуација на некогашниот „вечен број 2“ на пазарот? Актуелната Astra е голема, огромна со своите 4,42 метри во должина. Комбито е уште подолго, со 4,70 метри, односно исто колку некогашната Omega. Но! Astra е претешка, со најмалку 1,5 тон уште во најслабите изведби. Моделите со посилни мотори и повеќе опрема доаѓаат до дури 1,7 тон. Сето тоа ќе беше во ред, доколку и кабината нудеше соодветно голем простор. Но, патниците на задната клупа добиваат простор за колена исто колку во Corsa! Ниту во багажникот нема предност од огромните габарити на каросеријата. Тоа што може да се признае како добро се единствено подобрената изработка, комфорните седишта и задоволителното ниво на безбедност.

Основните мотори преслаби, посилните и нови мотори прескапи

Моторите исто така се слаб адут на Astra. Првите два бензински мотори во понудата се премногу слаби за каросеријата и во отсуство на турбонатполнење мора постојано да се држат на високи вртежи. Секако дека тоа се рефлектира и во потрошувачката на гориво, но и возачот се чувствува заморено кога мора постојано да внимава на вртежите. Иста е ситуацијата и со 1,3-литарскиот мотор, којшто уште датира од времето кога Германците кроеја сојуз со италијанскиот Fiat. Поголемите и обновени мотори доаѓаат премногу доцна, за да би можеле да го спасат имиџот на слабата и тешка Astra, а од друга страна, со цената се далеку од тоа што купувачите можат да си го дозволат во оваа класа.

Можеше ли во времето на Kadett во 1980-те некој да претпостави дека компактот на Opel ќе доживее денес да биде на 17-то место според продажбата?
Можеше ли во времето на Kadett во 1980-те некој да претпостави дека компактот на Opel ќе доживее денес да биде на 17-то место според продажбата?

Моторите што имаат сила, пак, имаат и проблеми со „кашлањето“. Турбобензинците од 1,4 и 1,6 литар мораа да добијат нов софтвер за да заздрават, но и натаму е прашање колку се успеа во тоа. Вентилите за рециркулацијата на издувните гасови исто така знаат да заглават понекогаш. Вечен проблем, пак, се задните сопирачки, за коишто никогаш не се знае дали запекле, кога наутро ќе се седне во автомобилот. Во списокот на „достигнувања“ на Astra се вбројуваат и оштетени шестстепени менувачи (во меѓувреме Opel почна да вградува нова генерација, но само во комбинација со новите мотори), како и кондензаторите во клима-уредите, коишто и натаму пропуштаат, исто како и во претходните генерации на Astra. Досега Opel има реализирано само еден сервисен повик, во 2011 година, кога сопствениците мораа принудно да ги посетат сервисите, заради замена на завртките за прицврстување на совозачкото седиште.

Секако дека и шефот Нојман ги познава слабостите на Astra подобро од било кој друг, па затоа и вети „штедлив, лесен и просторен“ автомобил со појавувањето на новата, единаесетта генерација на компактот на Opel, коешто ќе се случи на салонот во Франкфурт, во септември. Покрај тоа, Astra повторно ќе има „фантастичен дизајн“ и голем број иновации, коишто се држат во тајност. Новата Astra ќе биде покуса (!), со повеќе простор во кабината, и полесна. Со други зборови, идната Astra е го презеде трицилиндарецот од 1,0 литар од Adam и Corsa, заедно со 1,6-литарските бензинци и дизели коишто доживеаја премиера веќе во актуелниот модел, додека „иновациите“ се однесуваат на воведувањето диодни светла, коишто ќе бидат достапни само како скапа опција, како и на нови системи за асистенција, како ново поле на профит на производителите на автомобили и на добавувачите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Франкфурт ноќе само со 30 километри на час

Seat Ibiza: Втор фејслифт за шпанското Polo