за ,

Збогум за дупнатите гуми

Автомобилските гуми се тркалезни, црни и наполнети со воздух. Новите гуми без воздух наскоро ќе ја сменат оваа формула што важи повеќе од 120 години.

По 120 години откако Џон Бојд Данлоп го патентираше својот генијален пронајдок претстои втората револуција во светот на пневматиците. Ако се погледне во развојните одделенија на производителите на пневматици, одвојувањето на гумата од бандажот наскоро ќе стане минато.

Гумите без воздух ќе означат крај за стравувањето од продупчување на гума при патување, исто како и од потребата за дотерување на притисокот во гумите. Новите чудесни пневматици од блиската иднина ќе можат и да се рециклираат целосно, но и да бидат во различна боја од црната.

Гумата и бандажот стануваат неразделна целина

Hankook i-Flex
Hankook i-Flex

Производителот Hankook веќе претстави прототип на гума без воздух. Таа го носи името i-Flex и составена е од полиуретан со висока еластичност. Гумата и бандажот се неразделна целина, што е сосема различно од денешните тркала. Краците на бандажот го распоредуваат притисокот на тој начин што гумата се компримира при оптоварување и во исто време се шири нагоре. Гумата има степен на рециклирање од 95 проценти, не се полни со воздух и благодарение на намалениот отпор при тркалање троши помалку енергија. Последново значи и дека автомобилот ќе троши помалку гориво.

Талентирани за сите задачи: Полесни, потивки, потрајни и поштедливи

Во споредба со обичните автомобилски гуми, новите гуми на Hankook ќе бидат полесни, потивки и поиздржливи. Во исто време се отвораат и нови можности за дизајнирање. Носечката конструкција, надворешниот слој и внатрешните комори може да се бојадисуваат по желба. Уште не е утврдено кога Hankook ќе почне со сериско производство на гумите без воздух, но тоа меѓу другото ќе зависи и од реакцијата на пазарот.

Термопластика го заменува металниот бандаж

Bridgestone Air Free Concept Tire
Bridgestone Air Free Concept Tire

Јапонскиот Bridgestone има слични гуми како Hankook и ги развива под ознаката AFCT, од Air Free Concept Tire, односно концепт на гума без воздух. Брановидната структура на краците ја носи тежината на возилото и изработена е од термопластика. Оваа цврста и исклучително флексибилна вештачка смола помага да се намалат напрегањата и деформациите во гумата, односно го има истото амортизациско дејство како воздухот во обичните гуми. Кај Bridgestone AFCT, гумата се користи само за газечката површина.

И гумите стануваат паметни

Kumho Maxplo
Kumho Maxplo

Визиите на производителите на гуми досегаат уште подалеку. Поради тоа што обичните гуми секогаш претставуваат компромис, корејскиот производител Kumho реши да развива интелигентни гуми. Прототипот Maxplo, на пример, со своите тридимензионални надолжни ребра постојано се приспособува според подлогата. Постојат три модуси – за дожд, за снег и за висока брзина – кои што имаат цел првенствено да обезбедат максимално држење во сите одделни услови на возење.

Kumho Spinus
Kumho Spinus

Кај концептните гуми Kumho Spinus и Hankook eMembrane постојано се менува формата на профилот. При економичен модус се подигнува средината на профилот за само мала површина од гумата да биде во контакт со асфалтот, заради намалување на отпорот при тркалање. При силно запирање или во свијоци се подигнува контактната површина, со што се зголемува стабилноста.

Релаксирачки ефект врз патниците

Kumho Road Beat
Kumho Road Beat

Kumho има уште една концептна гума. Road Beat поседува малечки отвори во газечката површина коишто произведуваат алфа бранови во фреквентното подрачје од осум до 13 херци. Тоа го релаксира човечкиот организам. Покрај тоа, во газечката површина на гумата се вградени светлечки диоди, што ја подобрува видливоста на автомобилот. Енергијата за диодите се добива од кинетичката енергија на самата гума. Иднината на автомобилските гуми вооопшто не изгледа црно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Chevrolet излезе со копија на Kia Soul на салонот во Њу Делхи

Британци заработуваат од изнајмување на сопствените автомобили