за

За петочниот муабет: BMW М 535i

Уште пред да се појави првиот М5, постоеше „М“’ верзија од серијата 5, моделот M 535i од 1980 година

Петок попладне е време за релаксирани автомобилски муабети. Пред да почне викендот, овојпат се присетуваме на BMW M 535i од генерацијата Е12, прв „М“ од серијата 5 пред официјалниот М5.

Додека BMW Motorsport ги пали свеќичките за одбележување на триесеттиот роденден на M5, ние ќе се вратиме неколку години порано, на M 535i, којшто се појави пред 35 години. Овој модел на BMW го отвори апетитот на публиката уште на премиерата во Франкфурт во 1979 година. Половина година подоцна, во април 1980, започна производството на првата серија 5 од генерацијата Е12 за чијшто развој официјално беше задолжен BMW Motorsport. Пред тоа постоеше можност за нарачка на М 530, иако тоа не беше наведено во ниту еден ценовник.

Под хаубата на M 535i беше стиснат шестцилиндарскиот мотор од 735i и 635 CSI, со работна зафатнина од 3,5 литри и моќност од 218 КС. Луѓето од BMW Motorsport дополнително ги дотераа и подвозјето и каросерискиот настап на брзата лимузина. Препознатлив белег на M 535i беа опционалните ленти во трите бои на BMW M GmbH, коишто беа раширени по целиот преден спојлер, заради ефект на заплашување, потоа се развлекуваа по должината на каросеријата и завршуваа во големиот црн спојлер одзади, со централно поставени издувни цевки, како заокружување на спектаклот додека другите возачи ја гледаа лимузината ита по хоризонтот.

Со вешт возач зад воланот, што е умешен да се снајде со карактеристичната шема на петстепениот менувач, M 535i забрзуваше до 100 за 7,4 секунди и не запираше до 219 km/h. Ентериерот се надоврзуваше на спортскиот настап со седиштата од Recaro. Од првиот „М“ од серијата 5 се произведоа вкупно 3.066 примероци, од кои 1.416 се модели од генерацијата E28 опремени со техниката на M 535i. Оваа верзија се произведуваше посебно за пазарот во Јужна Африка, каде што Е28 – втората генерација на серијата 5, уште не беше достапна во 1984 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првата серија од новиот Volvo XC90 достапна само на интернет

Lada во одлична форма на салонот во Москва