за

За вкусови не се расправа, но… Кога дизајнерите имаат лош ден

Се случува дизајнерите некогаш да погрешат или да се преценат во обидот да внесат револуција во автомобилската форма. Но, кај овие автомобили, прашањето за дизајнерите е едно: Што лошо ви стори светот на четири тркала за така да му возвратите?

Секоја ера носи свој дизајн. Во 1960-те години автомобилите личеа на шише кока-кола, десет години подоцна дојде во мода клинестата форма на каросеријата, а денешните возила имаат исправена маска и широки крила. Автомобилските дизајнери отсекогаш се соочувале со предизвикот да креираат невообичаени форми коишто ќе предизвикаат општо одушевување во круговите на ентузијастите, но и воопшто на улиците. Креациите за жал не успеваат секогаш. Овие пет автомобили се најголемите дизајнерски гревови во поновата историја.

Pontiac Aztek: Шампион во дисхармонија

Кога треба да се избира најгрдиот автомобил во светот, Pontiac Aztek секогаш е меѓу првите. Овој спој на теренски автомобил, купе и ван од 2001 година може да се изучува како апсолутен школски пример за дисхармонија. Светлата и отворите за воздух се наредени едно врз друго и целиот преден дел од возилото изгледа испокасапено. Отстрана Aztek изгледа измазнето како со километри да лизгал по асфалтот легнат странично, додека опашот изгледа како да е додаден отпосле, небаре дизајнерот што работел на него извршил самоубиство од безидејност.

pontiac-aztek

Ништо чудно што познатата и некогаш мошне ценета американска марка на General Motors мораше да згасне во 2010 година. Бројките од продажбата во САД беа под најпесимистичките предвидувања. Единствена светла точка во историјата на Aztek е неговото појавување во улога на превозно средство на антихеројот Волтер Вајт во серијата „Breaking Bad“.

SsangYong Rodius: Како доградба на балкон на руска зграда

Вановите како сорта не се вбројуваат меѓу најелегантните возила што воопшто се појавиле на улиците. Дизајнерите на корејскиот SsangYong Rodius од првата генерација од 2004 година како намерно да сакаа да го нагласат вродениот грдотилак на вановите. Гледано отстрана, Rodius можеби би изгледал и пристојно, доколку покривот ја следел закосената линија што се спушта од покривот кон опашот. Вака, големиот ван личи како некој гаражен мајстор да решил да го продолжи и застакли задниот дел од возилото, за да направи простор за уште двајца патници во кабината. Или можеби дизајнерите добиле налог да креираат возило за погребални услуги? Во втората генерација од 2013 година беше коригиран изгледот на опашот, без притоа да се уништува просторот во кабината.

SsangYong-Rodius

Италијанските автомобили долго време се издвојуваа со дизајнот. Со успешниот дизајн. Но, има и неуспешни обиди. Кај Fiat Multipla од 1999 година се чини дека дизајнерите решиле во вечната битка меѓу убавиот изглед и просторната кабина целосно да се откажат од првото и да се посветат само на просторот. Предниот дел од ванот е толку грд што ниту Кинезите не го копираат. На „колбасот“ под ветробранот се поставени светлосните единици за долго светло, додека стандардните светла се останати на стандардното место и во оваа чудна комбинација изгледаат како да потекнуваат од некоја грда риба од најдлабоките водни простори. Штета за генијалната функционалност на кабината на Mutipla. Во секој случај, италијанскиот ван е дел од редовната поставка во музејот за современа уметност во Њујорк. Како пример како не треба, веројатно.

1999-2001_Fiat_Multipla_02

Малосерискиот производител Vygor од Тоскана исто така се реши да направи спој што не се спојува – класичен изглед на купе со две врати и теренец. Премногу би било едноставно да успее идејата, класично купе да се пресече малку под линијата на прозорците и така добиената целина да се насади врз каросерија од робусен теренец. Но, токму тоа го направи овој италијански каросерист во моделот Opera, којшто требаше да се продава по цена од 170.000 евра, по принцип на собирање пари од народ. Доколку дизајнерите создадеа нешто попристојно, веројатно и ќе се најдеше некој финансиер со чуден вкус за естетика – колку да му се соберат парите.

Vygor-Opera

Chrysler PT Cruiser ќе остане запаметен во историјата како еден од најрасипливите автомобили воопшто. Но, овој автомобил со ретродизајн на гангстерска лимузина од 1930-те години ќе остане запаметен и како еден од најгрдите. Како круна на неуспешниот дизајн, Chrysler реши да направи и кабриолет изведба од комби-ванот. „Дебелата“ каросерија изгледа само уште подебело без покривот, а широкиот ролбар го уништува и последниот траг од хармоничност во изгледот. Накусо, кабриолетот од PT Cruiser изгледа како кошница за на пазар.

chrysler-pt-cruiser

Овие автомобили се универзално грди и се редовна појава во речиси секој список на неуспешни дизајни. Но, очигледно дека не мислат сите така, или поточно, не гледаат сите исто. Никој од овие автомобили не останал „непродаден“. Напротив, повеќето се задржаа на пазарот повеќе години, па дури доживеаја и следна генерација. Веројатно на светот на четири тркала му се потребни и грдите автомобили. За убавите да бидат поубави.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Катар со воен експерт во надзорниот одбор на Volkswagen

Автотест на ADAC: Како функционираат системите за асистенција во Volkswagen Passat