за

Загубен клуч може да чини и до 670 евра

За загубен автомобилски клуч уште одамна не се оди кај маалскиот клучар. Магазинот auto motor und sport истражуваше колку чини изработката на нов клучво сервисите на повеќе марки.

Одамна минаа времињата кога при губење на клучот од автомобилот можеше да помогне првата клучарска работилица. Денешните клучеви се производ на високата технологија и кај некои од полуксузните марки може да чинат и до 670 евра. Германскиот магазин auto motor und sport спореди колку чини изработката на нов клуч кај неколку марки на автомобили и утврди голема разлика во цените. Освен за изработката на самиот клуч, треба да се плати и за програмирање на клучот, односно за неговото „поврзување“ со автомобилот. За тоа се потребни уште 30 до 50 евра.

Кај луксузните марки се наплаќаат солидно и клучевите. Кај Aston Martin, нов клуч во изведба со стаклено куќиште чини 670 евра за сите модели, а ако сопственикот сака обично куќиште од пластика, тогаш ќе плати „само“ 245 евра. Maserati наплатува до 370 евра, зависно од моделот. Но, изработката на нов клуч може да биде скапа и кај обичните марки. Кај Toyota, на пример, зависно од моделот и од изведбата, нов клуч може да чини и повеќе од 300 евра.

Повеќето други марки наплаќаат околу 200 евра. Цената кај Volkswagen е иста за сите модели и изнесува до 120 евра. Кај Opel е малку покомплицирано, затоа што има различна цена за секој модел: Клучевите за Mokka чинат 86 евра, за Ampera 214 евра. Единствено ниво на цени за сите модели има и кај Ford – околу 200 евра.

Кај премиум марките Mercedes и BMW секој клуч чини околу 200 евра, без разлика дали се работи за класата A и за серијата 1 или за класата S и за „седумката“. Поевтино е кај Audi. Цените кај оваа марка се движат меѓу 108 евра за TT до 169 евра за A8. Најевтино минуваат сопствениците на Lada. Руската марка наплаќа по 50 евра за нов клуч.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo го претвора идниот XC90 во концертна сала

Каква врска имаат доматите со автомобилите на Ford?