за

Забавата почнува кога ќе се одземе едно тркало: Rewaco RF1

Како реагира пасиониран автомобилист кога на тест ќе добие возило на кое му недостига едно тркало? Овие „трајкови“ се повеќе од мотоцикл, но многу помалку од автомобил. Импресии од една проба.

Малите деца си играат со малечки автомобили, а големите момци (и девојки) со големи автомобили. Или со „трајкови“. Овој вид на возила веќе со децении е специјалност на германската фирма Rewaco, која што годишно произведува по 400 примероци и тоа е солиден успех за фирмата. Можноста за проба на нивните модели ни се укажа со моделската изведба RF1, во којашто работи мотор со турбонатполнење и 140 КС од Mitsubishi.

Првиот впечаток е дека Rewaco не се штеди при изработката на своите „трицикли“. Ниту при конструирањето. Во тој поглед, RF1 располага со многу повеќе од обичен мотоцикл. Димензијата на предното тркало, на пример, би одговарала за погонско тркало на Harley-Davidson, а задни валци на кои пишува 295/35 ZR 18 се големина што обично се среќава кај суперспортските автомобили или барем кај екстремно тјунираните „голфови“ на собирите на фанови. Во целата глетка од напред доминираат четирите огромни светла, полирани до заслепувачки сјај, а веднаш потоа се забележува и хромираната челична рамка, од која што би можеле без проблем да се изработат четири или пет „бул-барови“ за теренците на урбаните каубојци. По седнувањето се стекнува впечаток како да сте родео-јавач, директно пред следното исфрлување од седлото.

„Постојат ситуации кога е подобро да се напушти возилото“

Првото откритие е дека со рачката за гас треба да се ракува нежно. По неколку метри следува и откритието дека со ножната сопирачка од десната страна исто така треба да се ракува со чувство. Безбедносен ремен не постои, затоа што според производителот смета дека „постојат ситуации во коишто е подобро кога возилото може да се напушти.“ Тоа е добро да се знае, имајќи во предвид дека трициклов не располага ниту со зона на гмечење како нормалните автомобили.

rewaco trajk 790798987При возењето треба постојано да се има на ум дека трициклот назад е широк близу два метри, што е лесно да се „превиди“, затоа што возачот напред гледа само коса вилушка и голем волан широки колку собна врата. Во свијоците треба да се влегува широко, за да се спречи задното тркало да се качи на тротоарот. Добра страна е тоа што RF1 располага со седумстепен автоматски менувач, кој поштедува од задолжителното вежбање на „моторџиско“ менување на степените со стопало. Доволно е со рачката на лажниот резервоар да се избере само дали ќе се вози напред или назад.

Секако дека трициклов има и степен за возење наназад. Ретровизорите не се од голема помош, затоа што при возење наназад воланот секогаш е завртен во правецот во кој што се гледа сé, само не тоа што треба. Затоа, пак, трициклот во тој момент ги открива своите предности и нуди слобода да се провери директно, со најчовечко завртување на погледот наназад. Возењето е постојано придружено со пријатното фучење на турбомоторот, кој фрла 210 њутнметри на задните тркала.

Крајната брзина е неважна, уживањето во крстосувањето е поважно

Како што брзината на возење се зголемува, така возачот учи да цени дека ветробранското стакло во обичните автомобили е мошне корисен изум. Од корист би бил и интегрален шлем, но тој е апсолутно „не-кул“ во овој трицикл. За ставот на непокорен каубој подобро одговара џет-шлем. Ова навистина вози 175 километри на час? Не е важно.

rewaco trajk 790798Уживањето е најголемо кога се крстосува спокојно со 80 на час, кога се ужива во природата и во чувството во возење какво што не можат да обезбедат ниту мотоцикл, ниту автомобил. При нормално возење, потрошувачката изнесува меѓу шест и седум литри на сто километри. Крутата цевна рамка и избалансираната геометрија на возилото обезбедуваат прецизно држење правец и неутрални возни својства. Возачи високи два метра можат посебно да нарачаат рамка продолжена за 12 сантиметри

Одвреме навреме се јавува силно пискање кое што го прекинува уживањето. Тоа се јавува автоматот за предупредување дека се вклучени трепкачите, кој е мошне корисна направа имајќи во предвид дека контролната светилка за трепкачите е речиси невидлива кога одзади бие сонце. За тоа време, нозете спокојно се потпираат на тешката челична рамка, а четирицилиндарскиот мотор преде назад. Колегите на две тркала очигледно не го земаат за сериозно овој огнено црвен мотоцикл со три тркала или автомобил без едно тркало, одминувајќи без поздрав.

Автомобилскиот мотор во комбинација со тежина на „фиќо“ гарантира забавни перформанси

Турбомоторот од 1,5-литар има лесна работа со 630-те килограми на возилото и повлекува убедливо. При престигањето повторно треба да се има на ум дека возилово назад е широко два метри и возачот е подобро притоа да се однесува како возач на автомобил. Сопатникот за тоа време ужива во задното седиште, сé до моментот кога ќе треба да најде задршка за телото, кога возачот ќе сопре посилно. Место лак за држење зад седиштето, како кај обичните мотицикли, тука на располагање се само рамењата на возачот.

rewaco trajk 790798687При паркирање, RF1 повторно се претвора во автомобил. Просторот за паркирање мора да биде исто голем колку за малечок градски автомобил. Трициклот располага со повеќе можности за одлагање. Шлемовите ги собира во обете прегради странично од совозачкото седиште. За поседување на овој „трајк“ е потребно човек да поседува смисла за организација. Постои посебен клуч за контакт, посебен за бравата на вилушката, плус клуч за огромниот багажник.

И заклучокот. Возењето „трајк“ е искуство што не треба да се пропушти. Иако сé е различно од автомобил, постојат и многу сличности. Списокот на дополнителна опрема, на пример, каде што нема разлика од обичните автомобили: Кука за влечење приколка, диодни задни светла, навигација, радио и он-борд комуникација, греење на седиштата, заштита при страничен судир и уште многу друго. Плус, избор од 20 стандардни бои и 8 специјални бои на возилото, и уште 8 различни комбинации од бои и материјали за седштата. Не е евтино, но барем не мора да се плаќа данок за задоволството.

Технички податоци Rewaco RF1 LT-2
  • Должина x Ширина x Висина (m): 3,56 x 1,87 x 1,06
  • Мотор: R4, бензин, 1499 ccm, турбо
  • Моќност: 103 kW / 140 КС при 6000/min
  • Вртежен момент: 210 Nm при 3500/min
  • Пренос на сила: 7-степен автоматски менувач
  • Крајна брзина: 175 km/h
  • Забрзување 0 до 100 km/h: 5,9 s.
  • Потрошувачка (според фабрика): 5,1 L/100 km
  • Резервоар: 40 L
  • Празно возило / Носивост: min. 622 kg / max. 273 kg
  • Бандажи / Гуми (напред, назад): 5 J x 17, 200/50 ZR 17; 11 J x 18, 295/35 ZR 18
  • Цена: 36.000 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што пишува магазинот Auto Bild за тестот на Tesla Model S P85D

Германија издава специјални таблички за електричните автомобили