за

Ете зошто Mercedes: 60 години на најславниот Mercedes во Македонија

Историјата може да се чита, историјата може и да се доживее. Овој Mercedes има преживеано промени на режими, има измерено многу патишта во регионот, а вредноста му е речиси бесценета.

Каде и да се појави овој Mercedes привлекува внимание. И тоа го прави веќе 60 години. Прво како репрезентативен евтомобил нарачан од тогашното политичко раководство, а од 1978 година секојдневно по скопските улици, како еден од заштитните знаци на градот. Господинот Трајко Базерко го користи белиот Mercedes како возило за секој ден, а како што убедуваат врвната техничка состојба на возилото и потрошувачката од шест литри, не смее да постои причина да биде поинаку.

Кога Трајко Базерко пред 35 години го презел овој Mercedes од типот 170 DS, со фабричка ознака W 191, возилото било веќе запоставено и многумина изразувале недоверба дека тоа повторно ќе се доведе во возна состојба. Меѓу другото моторот произведувал толку гласно тропање што се чинело дека му нема спас. Но, факт е дека моторот сепак продолжил да работи и покрај фактот што лежиштата биле целосно истрошени.

Тричлен тим од искусни авто ентузијасти и специјалисти има вложено стотици работни часови за возилото да биде во денешната состојба, паркиран рамноправно покрај последните моделски генерации на Mercedes пред центарот на марката. МакАуто Стар даде придонес во одбележувањето на 60-от роденден на славниот македонски Mercedes, со вредни подароци и на очигледно задоволство на сопственикот, на средбата во просториите на увозникот.

На господинот Трајко Базерко му посакуваме уште многу километри и уште многу години во возење на овој непроценлив дел од историјата.

[box type=”shadow” ]Историјата на Mercedes-Benz 170 DS

Mercedes 170 V е првиот модел на марката со сребрената ѕвезда што продолжи да се произведува по војната. Во 1946 година прво се произведуваше доставната изведба на моделот, а од следната година веќе се нудеше во стандардната патничка верзија. Промените во однос на предвоениот модел беа незначителни. Од мај 1949 година почна да се вградува дизелски мотор, исто така за прв пат по војната, во моделот со ознака 170 D. Една година подоцна Mercedes ги понуди модифицираните верзии 170 Va и 170 Da, со поголема моќност, меѓу другото со 40 КС место 38 КС кај дизелот, и општи подобрувања на возилото. Овие имаа поголем ветробран, зголемена трага на задната оска, покриен погон на бришачите и браници по целата ширина, рамна хауба и само две украсни лајсни по должината на каросеријата. Брзо по војната почна да се враќа и интересот за поскапи и попретставителни модели. Од таа причина беше развиен новиот тип Mercedes 170 S, далечниот потомок на денешната класа S. Моделот имаше каросерија подолга за 17 сантиметри и поширока за 10 сантиметри од 170 V, но и значително побогата опрема. Верзијата S поседуваше и спирални пружини и двојни попречни водилки напред, место листести пружини, што придонесуваше возењето да биде покомфорно и посигурно. Во јануари 1952 година се појави преработениот 170 Sb со рачка на менувачот горе на воланот, со подобрено греење на кабината, нова задна оска, копче за стартување и синџир за погон на брегастото вратило кај бензинецот. Аналогно, дизелската верзија на овој модел е 170 DS. Откако во 1953 година се појави Mercedes 180, за познавачите „понтон“, со триделна самоносечка каросерија, како голема иновација за марката и за браншата воопшто, моделите 170 Vb и 170 S се нудеа во поедноставна верзија, а соодветно на тоа и со ознаки 170 S-V и 170 S-D. Во 1955 година беше произведен последниот примерок од серијата W 136/191. Од 1949 до 1953 година се произведоа вкупно 33.822 примероци од моделот, а од моделот 170 DS вкупно 12.857 примероци. Со цел да се намалат трошоците за производство, дизелот се вградуваше и во Unimog, а беше достапен и како стационарен мотор. [/box]

[nggallery id=74]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda најавува Rapid со пет врати

ЕУ ја тужи Русија за специјалните давачки за возила од увоз