за

Електромагнетни топови против напади со возило во толпа

електромагнетни топови

Постои техника со којашто возилата може да се запрат присилно заради спречување на терористичките напади со влетување во толпа. Електромагнетни топови може набрзо да се најдат во примена кај безбедносните сили.

Барселона е последниот град во серијата терористички напади со влетување со возило во толпа. Автомобилите се користат како оружје, фанатиците се залетуваат и газат сé пред себе. Безбедносните сили се спречени да интервенираат, затоа што со отворањето оган врз возилото во напад може да се предизвикаат дополнителни жртви. Едно од решенијата се столбови што го ограничуваат пристапот во прометните пешачки зони. Но, оваа заштита не може да се примени секаде.

Безбедносните сили размислуваат за друга техника: Топови што испуштаат силни електромагнетни импулси и микробранови со висока моќ. Кога импулсите ќе го погодат автомобилот, неговата електроника откажува. Моторот запира веднаш и не може да стартува додека е под дејство на импулсите.

Електромагнетни топови за присилно запирање возила и соборување дронови

Комисијата на ЕУ неколку години истражува на ова поле. Се работи на два засебни проекта, едниот е за присилно запирање возила со електромагнетни импулси, вториот е за онеспособување на далечински контролирани дронови. Техниката функционира беспрекорно, многубројните тестирања го докажаа тоа.

електромагнетни топови
Техниката дејствува до 15 метри во времетрањење до 3 минути, доволно за безбедносните сили да ги онеспособат напаѓачите во возилото

До практичната примена на новата техника преостануваат темелни проверки на сите сценарија и последици што може да произлезат од неа. Се проверува дали импулсите можат да предизвикаат експлозија на бензинот во резервоарот, активирање на воздушните перници или палење на батериите кај електричните автомобили. Првичните резултати од тестирањата ги исклучија овие опасности.

Техниката првично беше замислена против ограбувачи на банки и дилери на дрога

Проектот отпочна пред пет години со цел да се спречи бегство на ограбувачи на банки или дилери на наркотици. Заштита од напад на конвои на државници исто така беше меѓу првичните замисли. За терористи што ќе ги користат возилата за убивање, никој не помислуваше во тоа време.

По зачестените напади во европските метрополи, безбедносните сили бараат техниката да им се стави на располагање што е можно побрзо. На електромагнетните бранови се имуни единствено автомобилите произведени пред средината на 1980-те години, коишто обично не поседуваат електронско палење или контролна електроника во моторот.

Безбедносниот систем на „терор-камионот“ во Берлин спречил поголема трагедија

Во бирократските процедури ќе се потроши повеќе време отколку во финиширањето на развојот на техниката. Неопходни се правила и прописи што ќе ја регулираат примената на новото оружје. Се дискутира дали електромагнетните пиштоли да станат стандардна опрема на полицијата или истите да се користат само во исклучителни случаи, со посебен налог.

Изработени се неколку прототипи од страна на независни фирми. Уредот се состои од две антени во форма на цилиндар коишто се сместуваат во багажникот на полициското возило. По активирањето, апаратот испушта силен електромагнетен импулс со досег до 15 метри.

Техниката нема целосно да ги спречи терористичките напади по примерот на Ница или Барселона, но барем ќе ги запре возилата по само неколку метри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bmw m5

BMW M5, генерација шест

unicat md77h освојување на светот

Со ова возило се поаѓа во освојување на светот