за ,

Електричните скутери Unu го освојуваат европскиот пазар

Германскиот скутер со електричен погон и преносни батерии што се полнат дома или в канцеларија се покажа како одличен погодок на фирмата што стартуваше пред само една година.

Електричниот погон се докажа во поглед на исплатливоста, функционалноста и секако во заштитата на животната средина, но еден проблем останува и натаму – достапноста на полначи. Германско старт-ап претпријатие пред нешто повеќе од една година дојде на идеја како да го реши овој проблем. Скутерот со електричен погон Unu се разликува од останатите по тоа што неговата батерија е отстранлива и лесно може да се пренесе до секое место кадешто има обичен приклучок за струја. Со тежината од 9 килограми, литиум-јонската батерија е релативно лесна, при што мала помош за носење доаѓа и од ременот за носење на рамо. Полнењето на батеријата трае 5 до 6 часови, односно 1,5 до два часа до 80-процентна наполнетост.

unu motors 4Со едно полнење може да се извозат до 50 километри, или двојно повеќе, ако соодветно се доплати за втора батерија. Брзината е ограничена на 45 километри на час, независно дали се работи за верзија на Unu со електромотор со моќност од 1, 2 или три киловати. Секако дека посилните варијанти имаат способност за совладување поголема нагорнина и подобро забрзуваат, но и најслабата верзија е сосема доволна, со совладување нагорнина до 17 проценти. Погонскиот систем располага и со повраток на енергијата при сопирање, што значи дека секое повлекување на сопирачката истовремено ја полни батеријата. Германскиот скутер тежи 67 килограми со батеријата, односно е двојно полесен од класична „веспа“, па и носивоста е сосема пристојна, со 150 килограми.

unu motors 2Unu поседува и впечатлив дизајн, по што се разликува од вообичаените азиски производи, гаранцијата важи 2 години, одржувањето на техниката е предвидено на секои шест месеци, а специјализиран сервис е мрежата на Bosch.

Цената е тоа што изненадува најпријатно. Основниот модел со електромотор од 1 киловат чини 1.699 евра и се испорачува бесплатно до дома, во пакет заедно со батерија и полнач, па дури и со осигурување и регистрација. Испораката обично следува за седум до осум недели. Освен во Германија, unu засега е достапен и во Швајцарија и Австрија, а во план се и нови пазари.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Subaru произведе 15 милиони автомобили со погон на сите тркала

Aston Martin DB11: Новото службено возило на Џејмс Бонд