за

Електричните автомобили ги спасуваат производителите од дебели казни

електричните автомобили цо2

Постои причина зошто браншата навалува толку силно со електричните автомобили. ЕУ им крои дебели казни на производителите што нема да ја спуштат емисијата на СО2 под дозволениот лимит.

Сите производители вложуваат мрсни суми во електричните автомобили. Веќе од година почнува масовно претставување на нови модели со погон на струја. Зошто производителите одеднаш толку инсистираат на електричните автомобили, кога нивниот удел во светската продажба изнесува одвај повеќе од еден процент? Одговорот е многу јасен: Електричните автомобили ќе ги поштедат големите концерни од казни, коишто можат да изнесуваат и неколку милијарди евра. Годишно.

За секој грам СО2 над 95 g/km, по 95 евра казна, по продадено возило

Индустријата се подготвува за 2023 година. ЕУ бара од производителите, просекот од емисијата на СО2 од сите модели во нивната понуда да биде под 95 грами на километар. За секој грам над овој лимит, големите концерни ќе мораат на ЕУ да ѝ плаќаат казни во висина од 95 евра по секој продаден автомобил.

Пример: Доколку одредена марка продава еден милион автомобили годишно, а просечната емисија на СО2 од сите нејзини модели е за 10 грами над лимитот, тоа значи дека производителот ќе мора на ЕУ да ѝ плати казна во висина од 950 милиони евра. Секоја година.

Дополнителен проблем е тоа што во последниве години нагло опаѓа интересот за дизелите. Нивната емисија на СО2 е пониска отколку кај бензинците и поради тоа индустријата долго време ставаше акцент на нив. Но, продажбата сега опаѓа. Марките постепено ќе го скусуваат бројот на модели со дизел мотор, што ќе доведе до повторно зголемување на просечната емисија на СО2 на нивната понуда.

Емисијата на СО2 не се пресметува по марка, туку на ниво на цел концерн

Единственото решение што преостанува е да се зголеми бројот на електрични модели во понудата, и тоа, без разлика дали соодветно ќе расте и пазарниот интерес за нив. Законодавците подготвија уште една замка за големите автомобилски концерни, кои во историјата секогаш излегувале помудри од политиката. Емисијата на СО2 не се пресметува на ниво на марка, на пример само за Skoda или Alfa Romeo, туку на ниво на концерн, што значи дека просекот се вади од сите модели и од сите марки во рамките на еден концерн – во случајов, Volkswagen и Fiat Chrysler.

До крајната вредност има уште многу пресметки. Во следниот чекор, просечната емисија на СО2 се множи со ЕУ-факторот. Тој се пресметува различно за секоја држава и го зема во предвид составот на возниот парк. Во некои држави се возат поголеми автомобили, во други помали. Со ЕУ-факторот се постигнува баланс меѓу одделните земји, односно се дозволува лимитот на СО2 да биде малку повисок во земјите во коишто се возат поголеми автомобили. Во факторот меѓу другото влегува и тежината на возилото.

Електричните автомобили ќе ја освојуваат Западна Европа, старите дизели и натаму ќе го валкаат Истокот

Пресметката е премногу сложена да се објасни накусо. За приближна претстава: Групацијата BMW мора до 2023 година да продаде околу 93.000 електрични автомобили, на конкурентот од Штутгарт му се потребни 101.000 автомобили на струја, додека од сите марки во концернот Volkswagen мора да се произведат околу 350.000 електрични возила. Тоа значи дека трите големи концерни мора во следните пет години да произведат околу 550.000 автомобили на струја. Во спротивно, Комисијата на ЕУ подготвено чека да им ги пресмета дебелите казни. Истото се однесува и на останатите производители.

Политиката на ЕУ дава силен поттик за електричните возила. До 2023 година, Европа веќе на големо ќе вози на струја. Кина, исто така. Најголемиот и најважен автомобилски пазар во светот наскоро воведува задолжителна квота. Електричните автомобили мора да учествуваат со одреден процент во вкупната продажба на возила од одделните марки. Тоа значи: Производителите повеќе немаат моќ да решаваат какви автомобили ќе се возат во Европа или во Кина, туку таа улога ја презема политиката. По дизел-скандалот и картелското здружување, можеби е подобро така. Од друга страна, како што нееколошките автомобили ќе се чистат од срцето на Европа, така нивниот број ќе расте во источноевропскиот регион. Небаре ние немаме (вистински) политичари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

бесплатен јавен превоз штутгарт daimler

Вработените во Daimler користат бесплатен јавен превоз при висока аерозагаденост

lamborghini urus kolekcija

Lamborghini Urus оди само со посебни обувки, јакна и куфер