за

Електричниот Jaguar I-Pace е како веган во куќата на стекот

Jaguar I-Pace drive

Jaguar I-Pace е најдобар показател за големите и брзи промени што се случуваат на автомобилската сцена. Jaguar има електричен теренец, првите примероци се веќе кај сопствениците, нашите партнери од германската Automedia веќе направија кус тест на сензационалниот кросовер. Ги пренесуваме нивните впечатоци

Спојот на Jaguar и погон на батерии е како веган во куќата на стекот. Светот ја познава и цени благородната марка од островот првенствено по спортски дотераните модели. Но, дури и Британците некогаш отстапуваат од традицијата. Аналогно на тоа, секоја традиција има и свој почеток.

Jaguar I-Pace не е ниту прв електричен автомобил од премиум марка (без потреба од истражување, асоцијацијата веднаш е BMW i3), а уште помалку е прв премиум кросовер со погон на струја (Tesla Model X), но затоа прв стартува со продажба пред Audi E-tron, Mercedes EQC или BMW iX3. Електричниот Jaguar е важен за марката и за целата автомобилска сцена, затоа што од него започнува електрификацијата на целата понуда од модели. До 2020 година, целата гама на марката со дивата мачка ќе има по еден модел со електромотор во погонската спрега.

Одлуката за развој на електричниот Jaguar паѓа пред четири години во градот на Шекспир

Историјата на првиот Jaguar со електричен погон започнува пред четири години, на вечера во Стратфорд, во градот на Шекспир. Волфганг Цибарт, директор за техничкиот дизајн на марката, таму се среќава со шефот Ралф Шпет, на разговор за натамошниот развој на моделите. По вечерата се знае дека Jaguar ќе понуди електричен автомобил.

Jaguar I-Pace drive 4

Развојот на автомобилот започнува буквално веќе следниот ден. Денес првите сопственици веќе го возат својот I-Pace. Нив им се посреќил ризикот што верувале во автомобилот уште долго пред да се појави во салоните и го нарачале пред другите. Рокот на испорака во моментов изнесува меѓу шест и осум месеци.

„Започнавме од празен лист хартија, затоа што уште од почеток знаевме дека ќе погрешиме доколку избереме постоечка платформа за електрификацијата,“ објаснува Волфганг Циберт. Тоа особено го израдува главниот дизајнер Јан МекКалум. Тој креираше каросерија во стил на купе, со должина од 4,68 метри. Иако тоа е сосем нормална пропорција според денешните стандарди во класата, внатрешноста нуди зачудувачки многу простор и може да се споредува дури и со лимузината XJ.

Во подот на Jaguar I-Pace се наоѓаат 432 батериски ќелии, коишто се поделени во 36 групи и заедно постигнуваат капацитет од 90 kWh. Тоа е доволно за 480 километри – според новата и пореална норма WLTP.

https://youtu.be/6usAIJm9weg

Само батеријата тежи 600 килограми, поради што речиси сите останати компоненти на возилото мораше да бидат конструирани од лесни материјали и со посебен пристап. Електромоторите од сопствен развој, со заедничка моќност од 400 КС, мораат да се соочат со 2,2 тони, што и не отстапува премногу од возилата со обичен погон. По еден електромотор е вграден во предната и во задната оска. Спринтот до темпо 100 трае само 4,8 секунди, кога на дело се докажуваат 696-те њутнметри. Крајната брзина вообичаено е ограничена на 200 km/h.

Најголемата разлика во возењето е во отсуството на звуците од погонската спрега

Во возење, најголемата разлика во споредба со моделите на Jaguar со обичен погон е во отсуството на звукот од моторот. Но, тоа не ги намалува динамичките квалитети на електромобилот. Во поглед на возните својства, I-Pace вози исто како и останатите модели на Jaguar.

Jaguar I-Pace drive 5

Благодарение на отпорот на воздух од 0,29 и грижливата изработка, во внатрешноста владее пријатна тишина. Единствено може да се наслушне тркалањето на гумите, а струењето на ветрот почнува да се чувствува дури над темпо 130.

Исто како сите останати електрични автомобили, неколку километри досег може да се „вратат“ со искористување на енергијата при сопирање. Доколку се избере најсилниот степен на таканаречена рекуперација, I-Pace може да се вози и без користење на педалата за сопирање. Откако тоа ќе се извежба, возачот може да ја користи техниката на тој начин што ќе го пушти возилото да запре само пред семафор.

Полнењето на батеријата трае долго, но и празнењето не се случува за еден ден

На обичен приклучок за струја, полнењето на гигантската батерија трае долго, дури 12,9 часови. Затоа, пак, при користење брз полнач со еднонасочна струја и силина на полнење од 50 киловати, батеријата се полни до 80% од капацитетот по само 1 час и 15 минути. На двојно посилен полнач со 100 kW, времетраењето на полнењето ќе трае двојно покусо, односно само 40 минути. Последниве полначи сепак не достапни насекаде. Од друга страна, досегот од 480 километри сигурно нема да се исцрпи за еден ден. И теоретски и практично, со едно полнење може комотно да се извози просечна неделна тура до работа и околу, имајќи предвид дека дневниот просек на европскиот возач изнесува помалку од 30 километри.

Jaguar I-Pace drive 3

Jaguar I-Pace отвора нови патишта и во инфо забавните системи и пристига како прв модел на британската марка со систем Touch Pro Duo, кај когошто се комбинирани два дисплеја на допир, во две засебни нивоа.

Ценовникот стартува од 77.850 евра за основната изведба, што расте на 88.760 евра за нивото SE, на 92.720 евра за HSE и дури 101.850 евра за љубителите на првите моделски серии.

Технички податоци · Jaguar I-Pace

Д x Ш x В (m): 4,69 x 1,90 x 1,57
Меѓуоскино растојание (mm): 2,99
Мотор: Два електромотора со постојан магнет
Моќност: 400 КС bei 4250 / min
Вртежен момент: 696 Nm
Батерија: 90 kWh, ca. 500 kg, литиум кон, 432 Pouch-ќелии, 36 модули, водено ладење
Времетраење на полнење (0 до 80 %) Еднонасочна струја: 50 kWh: 85 минути, 100 kWh: 40 минути
0 до 100 km/h: 4,8 s
Крајна брзина: 200 km/h.
Досег (според WLTP): 480 km
Потрошувачка на енергија според WLTP на 100 km: 21,2 kWh
Емисија на CO2: 0
Тежина: min. 2208 kg
Багажник: 656 – 1453 L
Гуми (ниво S): 245/50 R20 105V
Основна цена за Jaguar I-Pace S: 77.800 евра (во Германија)

[FAG id=33720]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

opel astra akcija

Opel на германските возачи им нуди 4.000 евра попуст за Astra

vinfast sedan

Марка од Виетнам со две светски премиери на салонот во Париз