за

Електричниот теренец на Tesla доцни – вторпат!

Крилестите врати сигурно нема да бидат единствениот технолошки врв на идниот кросовер Model X

Калифорнискиот специјалист за електрични автомобили Tesla веќе две години прибира нарачки за новиот модел, но неговиот старт се одложува веќе вторпат. Проблемот, наводно, е во комплицираните крилести врати.

Втората моделска серија на производителот на електрични автомобили од Калифорнија повторно ќе задоцни. Последниот пат се најавуваше стартот на продажбата да се случи во почетокот на следната година, а пред тоа се шпекулираше дека новиот модел ќе се појави уште во текот на оваа година. Tesla прибира нарачки за електричниот кросовер веќе две години.

Последната вест од калифорнискиот Пало Алто гласи: Големиот кросовер со погон на струја ќе почне да вози по уулиците дури во третиот квартал од 2015 година, односно дури по јули следната година. Според производителот, стартот е одложен за доработка на Model X, со цел купувачите да добијат совршен производ. Во интерес на Tesla е квалитетот да биде подигнат на максимално ниво и Model X да не се соочува со проблеми како актуелната спортска лимузина Model S. Американските медиуми неодамна пишуваа дека за време на супертестовите во повеќе случаи морало да се менува целата погонска спрега, а во еден случај и повеќепати. Неофицијално, стартот се одложува и поради комплицираните крилести врати, коишто според шефот Илон Маск треба да бидат заштитен знак на Model X.

Шефот Илон Маск ги успокојува инвеститорите: „Постои само една оправдана критика за Tesla – ние попрво ќе се откажеме од добивката, отколку да понудиме на пазарот производ што не ги задоволува купувачите. Гледано краткоточно, тоа има негативни ефекти, но на подолг рок само позитивни ефекти. Постојат многу фирми што не ја следат оваа философија и не се толку атрактивни за инвеститорите.“

Додека светот чека на Model X, Tesla профитира од најавите на други проекти. Нови инвеститори се привлекуваат со најавата за идниот Model 3, како електричен автомобил од класата на Golf и трет модел во понудата на калифорниската марка. Според добавувачите, развојот на компактниот модел уште е во почетната фаза. За овој модел да се понуди на пазарот по конкурентна цена, Tesla мора прво да обезбеди поевтини батерии. Моментно е во изградба производствен погон во американската сојузна држава Невада, којшто се води како „гига-фабрика“. Тука годишно ќе се произведуваат акумулатори за половина милион возила.

Неодамна Daimler се откажа од комплетниот пакет акции во американскиот производител. Тие би требало да знаат што прават, имајќи увид во начинот на функционирање на Tesla. Јапонската Toyota исто така се откажа од акциите. Во меѓувреме, нарачките за Model X се во тек, преку интернет страницата на производителот. Кој ќе нарача сега, автомобилот ќе го добие дури во 2016 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi се откажува од сопствени компакти – ги заменува со Renault

BMW ќе полни струја од бандера