Лидерот во електромобилноста може да си дозволи екстраваганција со третата (!) генерација на Nissan Leaf. Очигледно се крчка многу ново кај Јапонците. Еден од новитетите на Leaf е електронска педала – за забрзување и за запирање.
Возачите на новиот Nissan Leaf ќе имаат можност да командуваат со возилото преку само една педала. Со притискање на копче во средишната конзола, педалата за забрзување се претвора во е-педала или електронска педала – различно од постоечките „електонски педали“ коишто механичката врска ја заменуваат со кабли. Нејзината функција е слична како кај автомобилите во луна-парк. Кога педалот ќе се подотпушти, електромобилот соодветно забавува, а кога ќе се отпушти целосно, возилото запира. При притискање, истата функционира на вообичаениот начин.
Идеја што ќе го смени начинот на возење или само бескорисна техика во новиот Nissan Leaf?
Идниот семеен компакт на струја ќе биде прв автомобил во светот којшто може да се контролира преку една педала. Со отпуштена педала, Nissan Leaf останува во позиција и на нагорнина или надолнина. Исто како да е подигната паркирната сопирачка. За поаѓање не треба ништо повеќе од притискање на педалот. Според Nissan, возачот ќе може во 90% од возењето да ужива во предностите на е-педалот. Останатите 10% веројатно се однесуваат на опасните ситуации кога возачот мора да реагира со притискање на педалата за сопирање
Третата генерација на најпродаваниот електричен автомобил на сите времиња Nissan Leaf пристига во септември. Јапонскиот специјалист досега објави неколку детали од идниот „лист“. Стилот ќе се раководи според новата Micra, а електромобилот ќе располага и со напредно автономно возење. Како што наближува премиерата, така зачестуваат и новите детали. До премиерата во септември, сепак има уште време.
Продажбата на Leaf во меѓувреме надмина 277.000 примероци. Премиерата на третата генерација на електромобилот е закажана за 6-ти септември.