за

Европскиот пазар на автомобили со најголем пораст по 2007 година

Европската автомобилска индустрија ја финишира 2016 година со пораст во продажбата од 6,8 проценти во услови на економска и геополитичка нестабилност. Без декември, вкупната продажба на нови автомобили на 29 европски пазари достигна 14 милиони возила. Толку висока стапка на пораст последен пат била забележана во 2007 година.

Ниту Брегзит, ниту ослабнатата доверба на британските потрошувачи кон производите од ЕУ не успеаја да го попречат пазарниот бран на автомобилската индустрија годинава. Според последните статистики од 29-те најважни пазари во Европа, во ноември се продадени 1.184.140 возила или за 5% повеќе отколку во истиот месец лани. Вкупната продажба од почетокот на годинава достигна 13.937.339 возила, што претставува пораст од 6,8% – најголем пораст забележан по 2007 година.

Петте најголеми пазари во Европа имаат позитивен тренд во ноември, со најголем импулс од Шпанија (+13%) и Франција (+8,2%), додека Германија (+1,5%), Италија (+5%) и Велика Британија (+2,9%) го следат трендот со поумерена динамика. Само три пазари се во „минус“ во ноември, во споредба со истиот месец лани: Ирска (-20,4%), Швајцарија (-0,4%) и Холандија (-20,7%).

Најголемо освојување на пазарот постигна Daimler, со удел од близу 7 проценти

Групацијата Volkswagen ја задржа лидерската позиција, со удел од 24,5% во вкупниот пазар. Renault-Nissan е веднаш зад германскиот концерн со удел од 14,1%. Најголемо освојување на пазарот постигна Daimler, кој годинава држи 6,74 од вкупниот пазар или за 0,83% повеќе отколку лани, со што се наоѓа на петтото место меѓу најголемите автомобилски групации. Наспроти тоа, најмногу удел има изгубено францускиот PSA, кој и натаму е на третото место, иако неговиот пазарен удел е намален за 1,19 процент.

prodazba modeli

По сегменти, теренците и кросоверите продолжуваат со освојувачкиот поход. Во ноември се регистрирани 316.278 возила или за 16,1% повеќе отколку во истиот месец лани. Едно од четири продадени возила во ноември било теренец или кросовер. Наспроти тоа, опаѓаат сегментите на вановите, малечките возила и лимузините од високата класа.

Најпродаван модел останува Volkswagen Golf и покрај падот од 7,5 проценти во споредба со ланскиот ноември. Втор е Renault Clio, со убедлив пораст од 20,3% во продажбата. Лидерот меѓу теренците и кросоверите повторно пристига од француската марка, Captur. Со минимален заостаток следи Volkswagen Tiguan, трет во сегментот е Nissan Qashqai.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford ја пронајде најстарата Fiesta во Македонија

Audi го најавува идниот Q8 преку концептен автомобил во Детроит