за ,

Европа: За овие сообраќајни правила веројатно немате слушнато

Во која земја може да го запленат возилото ако возачот има повеќе од 0,5 промили алкохол, каде се забранува пушење во возилото, каде мора да се поседува алко-тестер… некои земји имаат необични правила, но и казни.

Италија

Дозволеното ниво на алкохол во Италија изнесува 0,5 промили. При пречекорување следува казна во висина од најмалку 530 евра, но исто така постои можност полицијата да го заплени возилото. За прекршоци како пребрзо возење, во периодот меѓу 22 и 07 часот следува парична казна што е за една третина повисока отколку во останатиот период од денот. Возачите почетници во првите три години по издавањето на дозволата мораат да почитуваат посебни брзински ограничувања, односно 100 место 130 km/h на автопат и 90 место 110 km/h на отворен пат.

Франција

При посета на Франција е добро да знаете дека е препорачливо во возилото да се носи алко-тестер и истиот да се покаже на барање на полицијата. Во секој случај, непоседувањето на уред за тестирање на нивото на алкохол не се казнува, но при друг прекршок сигурно и тој ќе влезе во казнената мерка. Од 1-ви јули 2015, пуштањето прегласна музика во возилото се казнува со 75 евра, доколку притоа се оневозможува следењето на звуците од средината.

Шпанија

Во Шпанија треба да се исклучат сите електрични и електромагнетни уреди при полнењето гориво во резервоарот. Тоа се однесува на мобилни телефони и радио, но и на светлата на возилото.

Грција

Тоа што најмногу ги изненадува возачите што првпат се среќаваат со правилата на возење во Грција е кружниот сообраќај. На следново правило не смее да се заборави: Возилото што влегува во кружниот тек има предимство, односно возилата што веќе се во кружниот тек мораат да запрат и да го пропуштат истото. Доколку се заборави на ова правило може да се случат мошне опасни ситуации. Покрај тоа, во возилото е забрането да се пуши доколку во него има деца под 12 години.

Сан Марино

Во Сан Марино е апсолутно забрането пушењето додека се вози.

Хрватска

Возачите помлади од 25 години мораат да возат со 10 километри на час побавно од другите. Ова правило се однесува само за хрватските државјани, но се препорачува сите да го почитуваат, заради избегнување проблеми при евентуална сообраќајна контрола.

Унгарија

Во Унгарија мора да се внимава при паркирањето, затоа што и неделата може законски да се прогласи за работен ден. Затоа не треба да се изненадите ако на паркиралишта што обично се бесплатни во недела, одненадеж треба да се плати за паркирање.

Бугарија

Во Бугарија не смее да се влегува ниту излегува со резервна кантичка за гориво во возилото.

Србија

Србија отсекогаш имала оригинални сообраќајни правила, но сето тоа е со цел да се реагира на локалните специфики – кои и не се само локални. Возењето велосипед со слушалки, на пример, се казнува со 32 евра, а исто толку чини и возењето велосипед побрзо од 35 km/h. Фрлањето отпад низ прозорец исто така е регулирано со закон и се казнува со 52 евра. Возачите што одбиваат тест на наркотици се упатуваат во притвор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Старо-новата германска марка Borgward ќе стартува со теренец

Apple се интересира за каросеријата на електричниот BMW i3