Површина од 2,8 милиони метри квадратни или 400 фудбалски игралишта. Тоа е фабриката на Seat во Марторел, каде што дрон направи досега невидени снимки.
Турата на дронот започнува од погонот за пресување, кадешто фактички започнува производството на секој автомобил. Пресите прават преку 6,4 милиони удари годишно, секој со сила иста како тежина на 500 автомобили. Во каросериската работилница се поставени вкупно 2.173 роботи, кои ги составуваат деловите од каросеријата со 1,3 милион точки за заварување.
Дронот продолжува во лакирницата, испреплетена со улици и семафори, како да е среде град. Тука се искористуваат 6,4 милиони килограми боја за една година, што е доволно Ајфеловата кула да се бојадиса стопати. Понатаму, во погонот за монтажа мора да владее совршена координација за 1,3 милијарди автомобилски делови годишно да се состават во целина – толку делови се потребни и да се изработат 330 примероци од Airbus A-380, најголемиот комерцијален авион во светот.
Надвор од халите се шири најголемата соларна мрежа во целата автомобилска индустрија, составена од вкупно 53.000 соларни панели. Со искористувањето на енергијата на сонцето се избегнува емисија од 7.000 тони СО2 годишно или 8,5 пати повеќе од количината што Централ Парк во Њујорк ја апсорбира на годишно ниво.
Соларните панели се поставени во административното подрачје на Seat, кадешто се наоѓа логистиката за дистрибуирање на автомобилите до крајното одредиште. Годишно се произведуваат преку 400.000 автомобили во Марторел, коишто се испорачуваат во повеќе од 75 држави низ светот. Ако овие автомобили се наредат едно зад друго, ќе формираат колона долга колку растојанието од Марторел до Лондон.