за

Дитер Цече: „Ние сме и остануваме пионери на мобилноста“

Во интервју за агенцијата Ots, шефот на Daimler говори за стратегијата што доведе до тоа германскиот концерн лани да ги постигне најдобрите деловни резулати во својата историја.

Првиот човек на Daimler, Др. Дитер Цече, ја имаше најдобрата поздравна порака со којашто еден претседател на управен одбор може да им се обрати на акционерите: „Зад нас е најуспешната година во историјата на фирмата“. Со тие зборови Цече утрово го започна говорот на главното собрание пред 6.000 акционери во „Сити Кјуб“ во Берлин. Концернот со 284.015 вработени низ светот лани продаде над 2,9 милиони возила, оствари промет од 149,5 милијарди евра и постигна чиста заработка од 13,2 милијарди евра.

Др. Цече, медиумите објавуваат дека „Daimler е на пат да биде најдобар во класата“. Дали и Вие го сметате истото?

Ние си ја поставивме целта да станеме водечки во сегментот најдоцна до 2020 година. На најдобар пат сме да го постигнеме тоа и медиумите веројатно го опишуваат тоа. Засега, ситуацијата уште е неодредена.

diter ceche 2

Лани постигнавте рекордни резултати во продажбата, прометот и заработката. Врз што се темели Вашиот успех?

Досега сигурно имаат изминато многу години откако ја развивме стратегијата што сега ја реализираме и секако ја надградуваме секоја година. Повеќето од работите што ги воведовме, а тоа се однесува првенствено на моделската програма, претставуваат промени кои можат да се ефектуираат долгорочно. Ние сме практично во период на берба на тоа што како мерки го посеавме во изминатите години.

Вашиот автомобилски бизнис го зголемија профит за една третина, на речиси осум милијарди евра и се постигна маржа на добивка од 9,5 проценти. Со тоа за првпат сте пред BMW. Дали сте задоволни од тоа?

Пред повеќе години ги поставивме и стратешките цели кои се однесуваат на профитабилноста и во минатата година успеавме да ги постигнеме и надминеме тогаш поставените цени, како за претпријатието во целина, така и за Mercedes и за финансиските услуги. Трите останати дивизии исто така напредуваат одлично. Во тој поглед, со тоа можам навистина да бидам задоволен.

Со 3,25 евра, акционерите ја добиваат досега највисоката дивиденда во историјата на фирмата. Колку е важен овој сигнал за акционерите и за пазарот во целина?

Од една страна, акционерите нé подржуваа и во времињата кога работите не се одвиваа најдобро, а од друга страна, ние јасно искажавме дека следиме политика со стратегија што има за цел дивидендата да постигне ниво од 40 проценти во нашите резултати. Со оваа вредност го постигнуваме токму тоа. Секако, тоа во исто време претставува и сигнал што уверува дека развојот ќе продолжи понатаму.

sobranie daimler

На акционерските собранија, претседателите на управните одбори вообичаено ги презентираат стратегиите за претстојните години. На што ги поставувате Вашите акценти?

Ниту во овој поглед ние не скокаме во цик-цак, туку ги следиме нашите цели. Уште пред многу години одредивме четири значајни стратешки линии. Прво е посветувањето на нашиот основен бизнис, користењето на потенцијалите на пазарите во развој, визијата за возење без жртви во сообраќајот и без штетни емисии, како и дигитализацијата, којашто во последните години почнува да добива поконкретни црти, а се разбира дека во фокусот се наоѓа и автономното возење.

Тоа го покажувате и на бината. Од Вашата десна страна е камионот што вози автономно, а лево се наоѓа модел од новата класа Е којшто исто така вози делумно автономно. Дали тоа се сигналите што сакате да им ги пренесете на Вашите акционери?

Секако дека нашите акционери се радуваат на успесите во минатото, но курсот на акциите говори и во прилог на иднината. Токму за тоа сакаме да зборуваме денес. Како производител на автомобили, ние сме убедени дека продуктот е во средиштето и како пронаоѓач на автомобилот ја гледаме нашата водечка позиција во технологијата, која што мораме постојано да ја развиваме. Темите што се наоѓаат во преден план се менуваат низ децениите, но позицијата што ние сакаме да ја задржиме во овие теми не се менува. Тука се автономното возење, Connected Car, возењето без штетна емисија, како возвишени полиња во коишто апсолутно се позиционираме над конкуренцијата.

Др. Цече, Вашиот договор продолжува до 2019 година. Покрај одличните бројки сега би можеле да работите многу порелаксирано?

Генерално, најчестите грешки во менаџирањето се прават во фазите на добра деловна клима. Ние сакаме да ја искористиме оваа фаза на моќ како темел за следните успеси, за иднината. Токму во оваа фаза на силни и суштински промени, кои првенствено се поттикнани од технологијата, се утврдува позицијата за следните 10 или 20 години. Сосема е јасно дека моќта со којашто располагаме во моментов, сакаме да ја донесеме на пол-позиција за следните 10 или 20 години. Ние сме одличен тим и ни претставува огромно задоволство да соработуваме. Тоа ми влева голема енергија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фејслифт за Audi A3 и скусување за еден цилиндар

Porsche не е виновен за загинувањето на Пол Вокер