за

Дизајнерот на Alfa Romeo Giulia: „Не ја копиравме серијата 3 на BMW“

Сличностите меѓу Alfa Romeo Giulia и серијата 3 на BMW се толку очигледни што дизајнерот Алесандро Маколини мораше да се оправдува пред своите колеги околу оригиналноста на новиот модел.

Италијанските марки не можат да бидат поштедени од контроверзи. Прво се покажа дека Alfa Romeo не е во состојба да стартува со продажба на спектакуларно најавениот нов модел Giulia во предвидениот период, поради тоа што техничарите на марката имаат уште многу работа околу безбедноста и возните својства, а сега и дизајнерот добива напади дека неговото дело е копија на серијата 3 на BMW. Уште при домашната премиера на моделот многумина препознаа дизајнерски елементи што се карактеристични од германската марка, но тивко го чуваа во себе тој коментар, чисто од почит кон дизајнерската традиција на Alfa Romеo.

На настан за автомобилскиот дизајн организиран во Мантова, дизајнерот Алесандро Маколини сепак мораше да го оправдува своето дело: „Не направивме копија на BMW. Зедовме инспирација од нашето минато, особено од Alfa 156.“

Но, дизајнот на возилото говори друго. Заоблениот профил на долгата хауба, кусите каросериски превиси напред и назад, аглите на предниот и задниот столб, формата на покривот, кусиот опаш, и особено „хофмајстеркник“ – потегот во задниот прозорец што е традиционален елемент на дизајнот на BMW – прават Giulia да изгледа како дрска копија на серијата 3 на BMW, во која само се вметнати маската и останатите белези на Alfa Romeo.

alfa romeo giulia

bmw serija 3

Италијанската марка очекува новата Giulia да го постигне успехот на моделот Alfa 156 кој достигна највисока продажба од 120.000 примероци во 2000-та година. Продажбата на италијанската марка е во постојан пад, откако понудата беше сведена само на два модела, на Giulietta и MiTo. Компактниот спортски модел 4C се произведува само во ограничена серија. Шефот Маркијоне планира Giulia да постигне силен поттик во продажбата и за неколку години Alfa да достигне продажба од 400.000 примероци. Лани марката продаде помалку од 70.000 примероци.

Концернот Fiat Chrysler ќе инвестира 5 милијарди евра во заживувањето на марката Alfa Romeo. Досега во развојот на Giulia и на спортскиот теренец на истата платформа се инвестирани две милијарди евра. Маркијоне неодамна го помести периодот за комплетирање на понудата на Alfa Romeo со осум нови модели за 2020 година, две години подоцна од планираното.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Музејот на Mercedes тргува со сопствените олдтајмери

Toyota инвестира милијарда долари во вештачка интелигенција