за

Десет легенди од времето кога Европа го имаше „Истокот“

Денес возиме дваесетгодишни „мерцедеси“ и „алфи“ и среќни сме иако воздухот ни е загаден до ниво на отров и маалските мајстори никако не успеваат да ги совладаат „напредните“ технологии, па на улиците се гине секој ден. Овие автомобили народот некогаш ги возеше на ново. Дали со нив бевме посреќни?

Во лесното четиво за викендов се навраќаме на периодот кога автомобилите од „Истокот“ правеа сите да се чувствуваат посреќни. Едните се шегуваа на сметка на заостанатоста на источните марки и нивните гротескни обиди да го смалат технолошкиот гап наспроти западноевропските марки, но од друга страна, овие возила им го остварија сонот да поседуваат автомобил на многу повеќе луѓе. Во списокот на десетте најголеми легенди од источноевропските автомобилски марки се селектирани моделите што постигнале повеќе или помалку вчепатливо пазарно присуство во целиот европски регион, иако постојат уште многу други модели што локално уживаа поголема популарност во своето време, како „фиќо“, „стоеден“ или „тристаќ“.

Wartburg 353
wartburg
Источногерманскиот Wartburg ги произведуваше симпатичните модели 311, 312 и 313 во периодот меѓу 1956 и 1967 година, вклучувајќи лимузинска и купе изведба, па дури и кабриолет. Моделот 312 се појави во 1965 година и веќе ја имаше техниката од неговиот наследник, нам познатиот Wartburg 353. Овој се нудеше како класична лимузина и како комби Turist, а подоцна се појави и пикап изведбата. Под хаубата работеше двотактен мотор со три цилиндри и зафатнина од еден литар, со моќност од 50 КС, односно со 55 КС по 1986 година. Денес Wartburg исклучително ретко се среќава по патиштата, иако од него се продадоа повеќе од еден милион примероци.

Tatra 613
tatra
Чешката луксузна марка Tatra стана позната по специјалниот модел 603, лимузина од 1950-те и 1960-те години со три предни светла. Во 1974 година се појави наследникот 613, со релативно модерен изглед и со моќен мотор V8 од 3,5 литри под хаубата. Поради луксузот и особено високата цена, во Tatra 613 се возеа само највисоки функционери. За тие што сакаа да се возат уште поопуштено, Tatra нудеше и верзија со продолжена каросерија. Престижната комбилимузина се произведуваше до 1996 година, кога беше заменета со неуспешната Tatra 700.

Melkus RS1000
melkus rs1000
Спортско купе со крилести врати и каросерија од фиберглас, произведено во поранешната ДДР? Постоеше и нешто такво, благодарение на автомобилската марка на тркачот Хајнц Мелкус. Како погон служеше тјунирана верзија на трицилиндарскиот мотор од Wartburg 353, од првиот модел во нашиот список. Со овој мотор, вграден централно во шасијата од Wartburg, купето RS1000 постигнуваше 165 km/h. Во тркачката верзија со спортски карбуратор и 100 КС, Melkus возеше и до 210 km/h. Меѓу 1969 и 1979 година се произведоа само 101 примерок.

Москвич Алеко
moskvich
Алеко беше последниот наследник во моделската серија што руската марка ја развиваше во континуитет уште од 1945 година. Моделот под ознаката 2141, односно со име Алеко (од Автозавод Ленинского Комсомола) се појави во 1986 година и по повеќе фејслифти исчезна од пазарот во 2003 година. Алеко беше огромен напредок за Москвич, развиен буквално од „нула“, без преземање делови од претходниците. Радикална промена беше преоѓањето на преден погон. Тоа што Алеко на многумина им личи на многу постарата Simca 1307 не е без причина. Русите го копираа нејзиниот дизајн.

Skoda 130 Rapid
soda 130 rapid
Купето беше атракција во салоните на чешката марка. Наспроти актуелниот Rapid, којшто се нуди во класична верзија на лимузина и комбилимузина, моделот од 1980-те години беше купе со мотор во опашот и погон назад. Моторот не беше особено спектакуларен со 53-те КС, исто како и забрзувањето од 16,5 секунди до сто. Но, спортските перформанси не беа цел со овој модел. Со купето Skoda 130 Rapid, пазарот доби евтино купе со коешто им се исполнуваше сонот на сите што копнееја по Mustang. Барем делумно.

Zastava Yugo
yugo
Тоа е автомобилот што беше гордост на многумина и автомобилот што на каков и да е било начин е инволвиран во повеќе генерации население не само на Балканов, туку и низ Европа, па дури и во САД. Факт е дека овој автомобил базиран на стариот Fiat 127 се произведе во 794.428 примероци до 2008 година. Секако дека и ова не е за занемарување: Вo САД се извезоа дури 141.651 примероци од Yugo, без разлика што неговото име повеќето го исмеваа во стилот на „You-Go nowhere“.

FSO Polonez
polonez
Исто како и повеќето други автомобили од „источните марки“, Polonez се произведуваше во исклучително долг временски период, сé додека не стана неатрактивен и за последниот купувач, дури од 1978 до 2002 година. Основата на автомобилот потекнува од Fiat 125p, поедноставена верзија на Fiat 125 што лиценцно ја произведуваше Polski Fiat. Првично беше замислено Polonez да ја замени старата „пезетка“, но на крајот обата модела се произведуваа паралелно до 1991 година.

Dacia 1310
dacia 1300
Во 1969 година се појави првата Dacia 1300, како модел произведен под лиценца на Renault 12. Класичната каросериска форма се негуваше долги години и ја сочинуваше уличната слика на романските улици. Лимузината и комбито на Dacia успешно се извезуваа во повеќе земји во светот, се додека во 2004 година не беше произведен последниот примерок. Најмоќниот мотор во Dacia 1300 беше 1,6-литарец со 73 КС. Иако Dacia во меѓувреме го понуди и помалиот модел Supernova, а подоцна Solenza, вистинскиот наследник сепак е Logan. Моделот се произведе во два милиона примероци.

Trabant
trabant
Облак од чад, препознатлив звук и насмеан возач зад воланот – Trabant не смее да недостига на овој список. Автомобилот со „полнолетен“ ред за чекање ја моторизираше некогашната ДДР, но беше редовен дел од уличната слика и во повеќето земји од некогашниот Источен Блок. Најпопуларен модел беше Trabant 601, како седан, комби и кабриолет. Речиси е неверојатно тоа што во периодот од 33 години се произведоа дури 3.096.099 примероци од овој легендарен автомобил.

Lada Niva
lada niva
Апсолутниот шампион на овој список доаѓа од Lada. Робусниот теренец се појави уште во 1977 година – и уште се произведува! Во Lada Niva се вградува 1,7-литарски бензинец, на кого му се потребни 17 секунди додека го забрза возилото до сто. Оваа авантура е проследена со тресење и бучава, но и тоа е лесно да му се прости на овој руски автомобил што во меѓувреме стекна култен статус исто колку Land Rover Defender. Наследникот би требало да се појави во 2012 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi со „амплифицирана“ верзија на малечкиот A1

Mitsubishi се откажува од сопствени компакти – ги заменува со Renault