за

Десетте најважни дизајнерски трендови од салонот во Париз

Париз е град на љубовта и на модата, но и место каде што се раѓаат автомобилските трендови. На салонот во Париз дизајнерите подолго од сто години ги претставуваат новите модни трендови, без разлика дали се работи за малечки градски автомобили или за суперспортски машини. Ова се десетте највпечатливи стилови на сите времиња што дебитирале во Париз.

Сите патишта водат во Париз? Автомобилските пионери беа убедени во тоа. Изумителите на автомобилот, Бенц и Дајмлер, во почетокот имаа проблеми со продажбата на нивните возила на германскиот пазар, но затоа сé беше поинаку во градот на Ајфеловата кула. Луѓето во светскиот центар на модата отсекогаш биле отворени за новото. Како што тоа се однесува на провокативната облека, така е и со автомобилите. Пред салонот во Париз да ги отвори вратите на први октомври, накусо ќе се присетиме на најважните дизајнерски трендови на сите времиња, коишто доживеале премиера на бината на „авто мондијалот“.

Каросерија од пластика

Alpine A106

Пластиката имаше задача да ги направи автомобилите побрзи, поубави и поштедливи. Додека денес се користат карбон и композитни материјали, во средината на 1950-те години фибергласот им даваше фантастични форми на спортските автомобили. По Corvette од 1953 година следеше Volvo Sport P 1900 како прв европски родстер со каросерија од фиберглас. Модата на „пластичарите“ го достигна врвот на салонот во Париз во 1955 година, со премиерите на Alpine A106, DB Coach и прототипот Saab Sonett.

Спортски комби модели

peugeot 204 coupe

Историјата на скапите возила за на лов, наречени Shooting Brake, досега до пионерските денови на автомобилот. Дури во средината на 1960-те години, оваа каросериска форма стана достапна за поширок круг купувачи, прво со претставувањето на MG B GT, а потоа и со Peugeot 204 Coupe. Стручниот свет го оцени спортското комби на Peugeot со голем заден капак како пресвртница во автомобилската мода. Веднаш следеше и престижната награда „Grand Prix de l’Art et de l’Industrie Automobile”. По неколку години се појави цел бран слични возила, вклучувајќи го и Volkswagen Scirocco. Во Париз дебитираше и првиот модерен „шутинг брејк“ Reliant Scimitar GTE, исто како и легендарниот Volvo 1800 ES со стаклен заден капак.

Кросовери

talbot matra rancho

Во моментов не постои друг сегмент што е повеќе во мода отколку оној на спортските теренци и кросоверите. Но, потребно беше да минат повеќе децении додека купувачите научија да ги ценат овие возила. Првиот кросовер се качи на париската бина уште во 1978 година. Simca Matra Rancho беше меѓу најголемите сензации на салонот, но привлече само малкумина купувачи. Истата судбина по десетина години ја доживеа и Volkswagen Golf Country.

Ретро стил

mini new

Моделите како Nissan Be-1 и Mazda MX-5, а по нив и Renault Fiftie и Kangoo, Jaguar S-Type, како и  Citroen C3 и Pluriel, сите тие го следеа трендот на возила во носталгичен стил, којшто доживеа кулминација со новиот старт на Mini во 2000-та година. Оттогаш, култното мини се продаде во над 2,5 милиони примероци. Автомобилчето во ретро дизајнот на оригиналниот Mini прво се најде на процена пред експертите за стил на салонот во Париз.

Луксуз во смалена големина

Audi 50

Тоа што денес е вообичаено и се вози во форма на стилски мини модели, како DS3 или Opel Adam, за производителите на автомобили уште беше непознат терен во периодот по нафтената криза во 1970-те години. Во тоа време, во Париз се појавија куси автомобили во голем стил, со дизајн потпишан од водечките италијански куќи, како Audi 50 дизајниран во Bertone или Peugeot 104 C со каросерија скроена според цртежот на Pininfarina. Германското мини тогаш понуди перформанси што беа својствени за моделите од средната класа, за подоцна моделот да прерасне во Volkswagen Polo, додека Peugeot повеќе се снаоѓаше во улога на шик-купе по улиците. Французите цели 14 години го произведуваа малечкото купе, кое се појави и под марките Citroen и Talbot.

Дизајн за целиот свет

opel rekord c

Духот и елеганцијата, но и отвореноста кон светот направија Париз да биде светска престолнина на модата. Затоа не изненадува што „авто-мондијалот“ до денес остана како совршен подиум за лансирање на автомобилите што се наменети за светскиот пазар. Почетокот го одбележа третата генерација на Opel Rekord во средината на 1960-те години, кој го донесе американскиот стил во европските гаражи. Rekord се произведуваше повеќе од 30 години, на три континенти, под повеќе марки. Примерот го следеа уште неколку светски автомобили, како Renault 12, Ford Taunus TC и Simca Horizon.

Ванови со едноделна каросерија

renault espace i gen

Кога се појави на салонот во Париз, луѓето го гледаа како вселенски брод пристигнат од некоја друга галаксија. Требаше да мине долго време додека пазарот го прифати Renault Espace, за потоа да следи вистинска инвазија од ванови. Големосериските производители повеќе не можеа да си дозволат во понудата од модели да недостига ван. Renault виртуозно си поигруваше со концептот на ван, со малечкиот Twingo, а потоа и со компактниот Scenic. Секако дека не е случајност тоа што трендот на вановите избувна токму во Франција, во земјата кадешто големите простори се толкуваат како луксуз.

Врвна италијанска мода за масовна конфекција

peugeot 204

Италијански дизајн по достапна цена во епицентарот на француската висока мода? Публиката на салонот во Париз ги помни 1950-те години, кога Peugeot реализираше дизајнерска соработка со Pininfarina и ги претстави бестселерите 204 и 104, со цени достапни за поширок круг купувачи. Истиот принцип го следеше и Volkswagen, кога во 1974 година го претстави Golf, дизајниран од италијанската ѕвезда Џорџето Џуџаро.

Големи комбилимузини со преден погон

Renault_16

Трендот на семејните комбилимузини го зачнаа два авангардни модела, Renault 16 и Simca 1100. Французите понудија генијална комбинација од преден погон, голем заден капак и приспособлива кабина во средната класа со моцелот Renault 16 во 1965 година, за две години подоцна Simca 1100 да го примени истиот принцип во компакт класата.

Минималистичка уметност

citroen 2cv

Кога Citroen 2CV се појави со двоцилиндарски боксер и платнен покрив на намотување на салонот во Париз во 1948 година, печатот коментираше дека тоа е „конзерва“ и „автомобил за слободно кампување за четири сардини“. Но, сатиричните оцени ниту малку не го попречија успехот на 2CV. Вклучувајќи ги варијантите Dyane, Acadiane и Mehari, моделот се произведе во седум милиони примероци, купуван од земјоделци, домаќинки, студенти и интелектуалци. Минималистичката формула успеваше и кај Renault 4 и Kangoo, исто како и во Citroen Berlingo и Peugeot Partner.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Робот на Ford превезува тежок товар до автомобилот

Клубот АДАК утврди пропусти во заштитата при страничен судир