за

Деби на Range Rover Sport HST на салонот во Њујорк

Со дополнителни четириесет коњски сили, дизајн со спортски нагласок и подвозје дотерано за динамично возење, верзијата HST на престижниот теренец ќе доживее премиера на трети април во Њујорк.

Британската марка со благородните теренци ќе додаде нова моделска изведба во гамата на Range Rover Sport, којашто со 380 КС се сместува меѓу најсилната верзија со 550 КС и верзијата со трилитарски V6 со 340 КС. Новиот HST доаѓа заедно со освежувањето на Range Rover Sport за моделската година 2016. Спортската верзија на моделот однадвор се препознава по темната и матирана основа на предните и задните светла, како и по црниот покрив и дополнителниот спојлер.

Во истиот стил продолжуваат и ексклузивните бандажи од 21 инч, коишто дополнително ги нагласуваат црвените сопирачки клешти. Како опција се нудат и бандажи поголеми за уште еден инч. Отворите за воздух во хаубата и предните крила, маската и основата на магленките се лакирани во сјајна црна боја. Исто како и останатите динамични варијанти, HST има црвен амблем Sport назад, заедно со уникатен амблем HST на отворите во предните крила.

Специјална програма на „Terrain Response“ за трансформација во спортски автомобил

За погонот е задолжен трилитарски V6 со компресорско натполнење и 380 КС, четириесет повеќе од стандардниот модел. За спортскиот карактер придонесува и посебното дотерување на подвозјето, со намалено странично наведнување на каросеријата и подобрена управливост, вклучувајќи и сопирачки дискови од 20 инчи. Посебна програма доби и Terrain Response: Во динамичниот модус, амортизацијата, електричното сервоуправување и системите за контрола на стабилноста се префрлуваат на обезбедување врвни возни својства за асфалтна подлога, вклучувајќи и подиректна реакција на педалот за гас и промена на степените на пренос при повисоки вртежи.

Главен печат во кабината ставаат седиштата обложени со скапа „оксфорд“ кожа во две бои, во комбинација со кожа во боја на слонова коска на вратите и средишната конзола. Логото HST е присутно на арматурната табла, патосниците и на дигиталната табла со инструменти. Нарачките за новиот спортски модел стартуваат во април, цените ќе бидат објавени по салонот во Њујорк.

Освежувањето на целата гама на Range Rover Sport за моделското годиште 2016 вклучува стандардна програма „Auto Access Height“ на системот за контрола на подвозјето, со автоматско спуштање на возилото заради полесно влегување и излегување од возилото. Следен новитет е можноста за отворање на задниот капак со замавнување со стопало под сензорите во задниот браник. Новитети има и во можностите за индивидуализација на возилото. Испораката на моделите ќе започне во август.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Defender со модна линија на сер Пол Смит

Видео: Новиот Jaguar XF го направи најдолгото возење по жица