за ,

Двотактен мотор ќе воведува револуција

Фирма од САД подготвува револуција во моторите. Двотактниот мотор е поштедлив и поевтин од класичните мотори. И тоа веќе се подразбира – моторот ќе се произведува во Кина.

Тоа што го најавува малечката фирма Eco Motors од сојузната американска држава Мичиген звучи како утопија. Фирмата не постои ниту пет години, а веќе се подготвува да предизвика голема револуција во моторите со внатрешно согорување и да произведе мотор кој ќе биде значително поштедлив и поевтин од моторите со класична конструкција.

Некои моќни личности од светот на автомобилите, но и надвор од него, веќе се убедија во веродостојноста на тврдењата на Eco Motors. Меѓу другото, еден од најбогатите луѓе на светот инвестираше во претпријатието – Бил Гејтс, основачот на Microsoft. Досега фирмата има обезбедено инвестициски капитал од 66 милиони евра.

Фирмата стои на два столба. Едниот е Доналд Ранкл, поранешен главен инженер во General Motors, а вториот е Австриецот Петер Хофбауер, кој долги години беше задолжен за развој на мотори во Volkswagen. Вклучувањето на моќни инвеститори во проектот укажува на тоа дека моторот на Eco Motors има голем потенцијал и ветува дебела заработка во иднина.

Моторот ја носи развојната ознака Opoc, како кратенка од Opposed Piston, Opposed Cylinder, односно клипови и цилиндри кои се поставени едно спроти друго. Оваа конструкција развиена од 70-годишниот Хофбауер го следи основниот принцип на мотор со спротивставени клипови, односно мотор кој има по два клипа во цилиндар. Кај тој двотактен мотор, клиповите се движат едно кон друго и едно од друго, а меѓу нив се наоѓа комората за согорување. Моторот на Хофбауер се состои од два такви мотори со спротивставени клипови, а меѓу нив е коленастото вратило.

Предностите се состојат во тоа што оваа конструкција ја скусува должината на одовите на клиповите за половина и во тоа што силата на клиповите се пренесува директно на коленастото вратило, без да се оптоварува куќиштето на моторот. Триењето и топлинските загуби се помали, во исто време моторот е полесен и помал, затоа што во конструкцијата нема потреба од глава на мотор или од механизам за управување со вентилите.

EcoMotors/ OPOC-Motor

Како резултат од тоа, моторот Opoc според тврдењата на Eco Motors троши меѓу 20 и 50 проценти помалку гориво од конвенционалните четиритактни мотори и поевтин е за повеќе од 20 проценти. Најголемата слабост на двотактните мотори се исклучително слабите можности за контрола на издувните гасови, со висок процент на несогорен јаглероден моноксид. Од Eco Motors не ги откриваат вредностите на издувните гасови, но тврдат дека и во тој поглед нивниот мотор е подобар од класичните двотактни мотори.

Не постојат практични докази за предностите на Opoc, затоа што моторот уште не е вграден ниту е тестиран во возило. Тоа ќе се смени догодина, откако ќе почне сериско производство на револуционерните двотактни мотори. Кинескиот добавувач за авто индустријата Zhongding Power ќе инвестира преку 200 милиони долари во фабрика во близина на Шангај, каде што од 2014 година ќе се произведуваат по 150.000 примероци годишно од моторот Opoc.

Zhongding Power ќе им го испорачува моторот н производителите на теренски возила и на доставни возила. Шефот Доналд Ранкл открива дека за таа цел прво ќе стартува производство на дизелски верзии на моторот Opoc со моќност меѓу 180 и 240 КС. Eco Motors преговара со кинескиот добавувач да инвестира во уште една фабрика во која што ќе се произведуваат помали мотори со моќност меѓу 80 и 100 КС за вградување во патнички возила.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Чистите стакла се важни на безбедноста

Најбрзиот електромобил на светот со премиера во Шангај