за

Две премиери на Skoda Fabia во Париз: Старт и за комби изведбата

Најголемиот талент на Fabia Combi се крие под задниот капак: Багажник од 530 литри

Третата генерација на Fabia е меѓу најважните премиери на салонот во Париз. Затоа добива и соодветен третман. Заедно со комбилимузината стартува и комбито од Fabia.

Новата Skoda Fabia продолжува таму каде што претходникот запре и нуди повеќе простор во кабината, поголема функционалност и пониска потрошувачка на гориво. Само неколку седмици по стартот на комбиолимузината, во јануари 2015 следува и комби изведбата. Од 2000 година, Чесите продадоа преку 1,1 милион примероци од уште попрактичната каросериска изведба во гамата на Fabia. Стратезите на Skoda очекуваат дека новакот ќе ги престигне своите претходници, повикувајќи се на впечатливиот изглед, како и на усвојувањето на безбедносните, комфорните и мултимедиските системи од повисоките класи.

Патничката кабина на Fabia Combi порасна за 21 mm во ширина и 8 mm во должина, а порасна и просторот за глава на сите седишта иако возилото е пониско. Новото Combi од Fabia е 10 mm подолго, 90 mm пошироко и 31 mm пониско од претходникот. Речиси сензационална е зафатнината на багажникот: Во најмалечкото комби Skoda собира 530 литри зад седиштата (претходникот 505 литри), односно 1.395 литри кога истите се соборени. Задната клупа се соборува во два степена. При соборена задна клупа, во багажникот има место за предмети долги до 1,55 метар, а товарниот простор е широк 96 cm. Багажот мора да се подигне само 61 cm при товарање, а со доплата се добива и дводелен под.

Практичноста е еден од синонимите за Skoda. Во новата Fabia има дури 17 можности за одлагање или чување на предметите: Гребач за мраз во капакот на резервоарот, држач за преносни уреди во средишната конзола, преграда за безбедносен елек во возачката врата, кантичка за отпад во џебот од вратите, мрежи на предните седишта, плус седум држачи за чаша.

Потрошувачката на гориво е намалена до 17 проценти, а рекордер во штедливост е моделот GreenLine со просек од 3,1 литри дизел. За тоа придонесуваат комплетно новите мотори, подобрената аеродинамика и намалената тежина до 55 килограми. Основната верзија на Fabia Combi со трицилиндарскиот 1.0 MPI тежи само 4 килограми над еден тон. Понудата од мотори ја сочинуват три бензинци и три дизели, сите чисти според нормата EU 6, со систем старт-стоп и повраток на енергијата при сопирање. Бензинците покриваат силини во дијапазон меѓу 75 и 110 КС, а новите трицилиндарски дизели од 75 до 105 КС.

Безбедносните системи исто така се на високо ниво, вклучувајќи самостојно запирање кога радарите ќе препознаат неизбежна пречка на патот, предупредување при замор на возачот, помош при поаѓање на нагорнина, контрола на притисок во гумите, како и електронска блокада на диференцијал, за поголема динамика во свијоци.

За прв пат во Fabia се нудат систем за пристап и стартување без клуч, паркинг сензори напред, како и сензори за светла и бришачи. Премиера во Fabia Combi има и новото електромеханичко сервоуправување, коешто го заменува електрохидрауличниот систем и штеди тежина и гориво.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уште една награда за дизајн за Skoda Rapid Spaceback

250.000-от Mercedes oд фабриката во Унгарија