за

Дали ова е најгрдиот BMW на сите времиња?

Должност е на премиум марките да го задвижуваат светот на четири тркала. BMW редовно си ја обавува таа должност, но некогаш и премногу и во погрешна насока. Омажот на еден од најомилените модели можеби и не успеа.

Токму на собирот на најексклузивните олдтајмери и пред најчувствителната клиентела покрај езерото Комо во Италија, во рамките на „Конкорсо д’Елеганца Вила д’Есте“, BMW имаше план да го претстави најспектакуларниот автомобилски дизајн што е воопшто виден во последниве неколку генерации возачи и ентузијасти на возењето. Автомобилот беше претставен, но спектаклот по малку изостана. Појавувањето на оваа креација означена како BMW 3.0 CSL Hommage повеќе заврши како фијаско отколку како триумф.

Тоа е оригиналната форма што требаше да послужи како инспирација за дизајнерите во BMW и како основа за „Hommage“
Тоа е оригиналната форма што требаше да послужи како инспирација за дизајнерите во BMW и како основа за „Hommage“

Како што укажува и самата ознака, станува збор за омаж, односно оддавање респект кон еден од највпечатливите автомобилски дизајни во историјата на марката од Минхен воопшто, но во исто време и еден од најуспешните тркачи. BMW 3.0 CSL беше тркачка варијанта на ексклузивното спортско купе од 1970-те години, со примена на тогаш егзотичниот материјал алуминиум за повеќето делови од каросеријата, со цел да се постигне пониска тежина на возилото и да се добие предност пред соперниците на тркачката патека. Автомобил каков што нема да се повтори и никој и не треба да се обидува да го повтори. Легендите постојат за да останат легенди.

Дали можеби ликот на Сид од „Леденото доба“ бил вистинската инспирација за дизајнот на „Hommage“
Дали можеби ликот на Сид од „Леденото доба“ бил вистинската инспирација за дизајнот на „Hommage“

„BMW 3.0 CSL е дизајнерска икона за нас, дизајнери на BMW. Неговата комбинација од спортски акценти и елеганција постигнува естетика која што одушевува до денес. BMW 3.0 CSL Hommage цитира голем дел од неговите карактеристични обележја, без да ги копира. Некои паралели не се очигледни веднаш. Сакавме сродноста повеќе да се чувствува отколку веднаш да се воочи,“  објаснува Карим Хабиб, раководител на BMW Design.

Целата „спектакуларна“ идеја на овој концептен автомобил се состои во примената на денешниот основен материјал за лесни автомобилски конструкции – карбонот, во замена за алуминиумот на оригиналниот CSL. Сé друго е игра со дизајнерски форми и линии. Дизајнот сепак не се коментира, туку се доживува и се чувствува. Овој nonsens-BMW подобро никој да не го доживееше и почувствуваше. Апсолутниот молк на медиумите и публиката и по десетина денови од премиерното прикажување на овој „Hommage“, чие што име повеќе асоцира на „хомаж“ отколку на омаж, говори во прилог на тоа. За секој случај следи фото-галеријата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi Q7 против BMW X5 на споредбен тест на Auto Bild

Пловечка приколка или чамец за кампување: Уште еден изум на Германците