за ,

Дали автомобилот треба да се мие во зимо или не?

Околу потребата за миење на автомобилот во зимо постојат различни убедувања. „Зошто да го мијам автомобилот кога тој пак ќе се извалка?“ Но, автомобилот не само што треба, туку и мора да се мие.

Секое зимо се повторува истата слика. По улиците се среќава голем број автомобили со валкана каросерија, светла што жмиркаат под слојот нечистотија и стакла кои минувачите ги искористиле да испратат порака до јавноста или до сопственикот. Прашањето е: Дали автомобилот треба да се мие во зимо или не? На тоа има само еден одговор: Да, автомобилот не само што треба, туку мора да се мие. Постојат две причини за тоа: Автомобилот мора да се мие заради безбедноста и заради зачувувањето на возилото.

Возила што се покриени со кал од покривот до тркалата одвај ја рефлектираат дневната светлина или светлата од другите автомобили ноќе, поради што помалку се забележуваат во сообраќајот и според статистиката учествуваат почесто во сообраќајни незгоди. Дури и дневните светла не се забележуваат поради замачканиот слој нечистотија, а значително се намалува и досегот на собореното светло, и тоа во услови кога прегледноста во сообраќајот е значително намалена.

Нема потреба од избирање на најскапата програма во автопералните за автомобилот да се одржува чист. Доволно е да се избере најевтината програма и почесто да се посетува автопералната. За каросеријата е подобро ако е вклучено и сушење. Точно е дека денешните автомобили веќе одамна не кородираат толку брзо и агресивно како пред 20 години, но постојаниот контакт со агресивната сол на патот и со самата зимска нечистотија му пречи на автомобилот.

Солта можеби нема да ја нагриза каросериската ламарина, којашто денес е лакирана педантно, а најчесто поседува и заштита со слој од цинк, но затоа постојат најразлични инсталации во и под автомобилот, како сопирачките, сопирачките црева, ладилникот, кондензаторот за клима уредот или картерот за масло, коишто се чувствителни на комбинацијата од влага и нечистотија. Овие делови нема да се измијат целосно во автопералната, но доволно е што врз нив ќе протече вода и на тој начин ќе ја намали концентрацијата на сол, а со тоа и опасноста од корозија. Истото важи и за шуплините во вратите, коишто преку отворот за стаклото доаѓаат во допир со агресивната сол.

Колку често треба да се мие автомобилот во зимо? Колку што е потребно, зависно од извалканоста, но најдоцна во моментот кога нечистотијата ќе почне да ја попречува прегледноста преку страничните стакла. Тогаш е крајно време да се посети сервисот за миење или автопералната.

Загриженоста од мрзнење на бравите или на заптивките на вратите е неопотребна доколку се користат соодветни средства. Но, од друга страна, само мал број од денешните автомобили се отклучува преку бравите во вратите, а и заптивките на вратите и прозорците замрзнуваат само кога тие се целосно исушени и поради тоа ја впиваат водата. Погрешна е практиката на некои возачи да користат вазелин за премачкување на заптивките, затоа што тој содржи штетни материи за гумата.

По излегувањето од автопералната или сервисот мора да се внимава само на едно. Сопирачките треба да се „притиснат“ веднаш на излезот, за на тој начин да се осуши водата од дисковите и плочките, којашто може да замрзне и да предизвика опасност. Совет е и возилото да не се паркира брзо по миењето, туку да се извози неколку километри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овој Lexus има „најкул“ бандажи во светот

12 предлози на тема: Како ќе изгледа Ferrari во 2040 година