за , ,

Германците плаќаат во просек по 28.153 евра за нов автомобил

Повторно педантните статистики на Германците. Тие можат да издвојат речиси по 30.000 евра за нов автомобил, и повторно да им останат 7.000 евра од годишната плата. Покрај македонскиот стандард, тоа се фрапантни податоци.

Германците плаќаат во просек по 28.153 евра за набавка на нов автомобил. Со тоа, просечната цена на новите автомобили постепено се приближува до годишната заработка, којашто во моментов во Германија изнесува околу 35.000 евра. Подеднакво фрапира и фактот што за купување нов автомобил во првото полугодие од 2015 било плаќано 964 евра повеќе отколку во првите шест месеци лани. При инфлација од 0,24 проценти во периодот, купувачите масовно ги зголемиле своите издатоци за автомобил.

Неколку интересни заклучоци за одделните марки и класи на возила:

  • Најскапите автомобили ги продава Porsche, со просечна цена од близу 90.000 евра
  • Со поголем заостаток, следат Mercedes со 42.855 евра, BMW со 41.659 евра и Audi со 40.595 евра
  • Марката Volkswagen, како убедлив пазарен лидер е под пазарниот просек со 25.508 евра за возило
  • За моделите на марката Opel, Германците плаќаат во просек 19.994 евра и далеку помалку отколку за конкурентскиот Volkswagen, што сведочи за огромен пад во имиџот на марката
  • Најниски цени се плаќаат за моделите на марката Dacia, со 11.837 евра. Тоа укажува дека Германците ги купуваат поскапите модели на евтината романска марка, место основата моделска изведба на Sandero која што се рекламира со цена од 7.000 евра

Просечната цена на новите автомобили во последните десет години се зголемила за близу 6.000 евра. Според аналитичарите, главната причина за тоа е масовното преоѓање на спортски теренци и кросовери. Пазарната статистика открива дека во првото полугодие од 2015 година, уделот на спортски теренци на германскиот пазар се зголемил на 19,1 проценти, наспроти 18,0 проценти во истиот период лани. Во исто време, уделот на малечките автомобили се намалил на 22,4 проценти, од 23,2 проценти лани. Германските купувачи не се двоумат да ја платат повисоката цена за спортски теренец, чијашто просечна цена изнесува 34.263 евра, односно 22 проценти повеќе отколку просекот од сите продадени возила во првото полугодие.

Продавачите заработуваат по 300 евра повеќе продавајќи спортски теренец

Секако дека тоа ги радува продавачите и им ги полни касите. Со просечна заработка од пет проценти од продадено возило според официјалните ценовници, продавачите заработуваат по 300 евра повеќе од возило отколку при продажба на обичен автомобил. Притоа, постојано се зголемува понудата од модели во сегментот на спортски теренци, кој покрива широк дијапазон, од трендовскиот Mini Countryman, до луксузните модели на Range Rover, а наскоро и Bentley и Lamborghini.

Во 1980 година, просечната цена на автомобилите на германскиот пазар изнесувала 8.420 евра. Границата од 20.000 евра е пречекорена уште во 2000-та година, за пет години подоцна просечната цена на автомобил во Германија да достигне 22.793 евра. Единствен прекин во овој континуитет се забележува во 2009 година, кога државата воведува субвенција за замена на старите автомобили со нови и Германците масовно купуваат возила од пониските и поевтини класи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мора ли бензинот да се добива од нафта: Кои се алтернативите?

Возачите на Tesla стануваат тест возачи за новите технологии