за

Германците ги отсакуваат дизелите

Porsche Cayenne dizel

Автомобилите со дизел мотор долго време уживаа голема популарност меѓу германските возачи. Но, „автонацијата“ се откажува од штедливиот и евтин погон. По дизел-аферата на Volkswagen, имиџот на дизел моторот веќе не е толку беспрекорен во поглед на погодноста кон животната средина, купувачите стравуваат од компликации доколку повторно се решат за дизел.

Продажбата на автомобили со дизел мотор бележи постојан пад на германскиот пазар. Во минатиот месец, само 45 проценти од новорегистрираните автомобили во земјата биле со дизел мотор. Тоа е најнизок удел на дизелот по март 2012 година и петпроцентно намалување во споредба со ноември минатата година. Најголемиот дел или 52,6 проценти од вкупно регистрираните 245.076 автомобили на германскиот пазар поседувале бензински мотор. Голем раст бележат и хибридните возила, со 3.927 продадени примероци во август, што е за 84,5 проценти повеќе отколку во истиот месец лани.

Експертите ценат дека интересот на Германците за овој вид на погон почна да опаѓа по обелоденувањето на дизел-аферата на Volkswagen. Откако се покажа дека дизелите на останатите производители исто така имаат неколкупати повисока емисија на штетни гасови од фабрички декларираната, имиџот на дизел моторот повеќе не е толку беспрекорен. Во земјата веќе се предлага и укинување на субвенцијата за автомобили што спаѓаат во категоријата со ултраниска емисија на штетни гасови.

Во замена за „домашните“ дизели, Германците посегнуваат по странски хибриди

Германското министерство за животна средина веќе претходно излезе со предлог, на старите автомобили со дизел мотор да им се забрани пристап во строгиот градски центар. Планот уште мирува, но не и скепсата на купувачите во поглед на дизелот. Тоа може да повлече опасност за германските производители на автомобили. Купувачите повеќе не веруваат толку слепо во дизел моторот и бараат друга „зелена“ алтернатива. Во тој случај, изборот обично завршува кај хибридните модели на увозните марки. Овие модели во меѓувреме учествуваат со 40 проценти во вкупната продажба на Toyota во Германија. Јапонците навреме почнаа да вложуваат во хибридниот погон, додека германските производители беа убедени во иднината на дизелот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mitsubishi Outlander PHEV е најпродаван електричен модел во Европа

Луксузен крстосувач од Полска: Varsovia Concept