за

Германскиот министер за сообраќај тестираше „самовозечки“ Audi

Министерот за сообраќај на Германија лично се увери во способноста на роботизираниот Audi A7 да управува самостојно по патиштата без интервенција на возачот. Од техниката се очекува да придонесе за натамошно подобрување на безбедноста.

Министерот Дорбринд лично се најде зад воланот на Audi A7 piloted driving concept, по покана на производителот на автомобили од баварскиот Инголштат. По возењето на концептниот автомобил со прекар „Џек“, германскиот министер за сообраќај и дигитална инфраструктура изјави: „Автоматизираното возење не е научна фантастика. Овие возила ќе се најдат во сообраќај за само неколку години. Дигиталната техника ги презема задачите од возачот и придонесува за поголема безбедност и поголем комфор.“

Пробното возење на Дорбринд се одвиваше на делница од автопатот А9, којашто служи како тест-патека за идните автомобили што се поврзани во мрежа со патната инфраструктура и со останатите возила. Ова меѓусебно поврзување ќе придонесе за намалување на застоите на патот и на загадувањето на животната средина, за подобрување на безбедноста и оптимално искористување на инфраструктурата.

[quote_box_right]Министерот Дорбринд: „Нашата автомобилска индустрија има најатрактивни продукти во светот. Нашата цел мора да биде освојување на светскиот врв и во автоматизираното возење.“[/quote_box_right]

Audi ќе ја понуди иновативната техника во 2017 година, во знаменосецот Audi A8. Баварците досега на повеќе пати го докажуваа напредувањето во техниката на автоматизирано возење преку спектакуларни прототипи. Специјално подготвен Audi TTS пред неколку години возеше самостојно на „Соленото езеро“ во САД, за потоа во истиот манир да се искачи и по патеката на легендарниот „Пајкс Пик“. Во минатата есен, Audi RS7 Sportback возеше „на работ“, на тркачката патека Хокенхајмринг. Неодамна, Audi ја извозе самостојно целата територија на САД, од западниот брег до Њујорк.

Audi A7 на делницата од автопатот А9 наменета за тестирање нови технологии
Audi A7 на делницата од автопатот А9 наменета за тестирање нови технологии

Автоматизираното возење при застој на патот ги користи приспособливиот радарски темпомат и асистентот при застој – системи што веќе се нудат во сериските модели на Audi. Електрониката на возилото забрзува самостојно, сопира и управува место возачот, во брзинско подрачје од 0 до 65 km/h. Кога ќе заврши застојот, компјутерот повторно му ја препушта работата на возачот.

Како супермозок на автоматизираното возење служи централната единица за асистенција на возачот, во оригинал „zentrale Fahrerassistenzsteuergerät“ или скратено zFAS. Тој користи последна технологија на процесори, за брза обработка на сигналите од сензорите и пресметување на маневрите. Радарски систем го надгледува просторот пред возилото, додека видеокамера ја чита хоризонталната сигнализација на патот, ги „гледа“ банкините, пешаците и другите возила.

Техничкиот арсенал го комплетираат ласерски скенер, за одредување на растојанието од предметите оддалечени до 80 метри, како и дузина сензори со ултразвук и четири камери, за надгледување на комплетното подрачје околу возилото. „Мозокот“ ги обработува сите податоци од сензорите и создава модел за средината, предвидувајќи го натамошниот развој на ситуацијата во возењето.

audi piloted driving

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Американски автомобили во освојувачки поход на Европа

700 КС за најсилниот и најбесниот пикап во историјата на Shelby