за

Германската Пошта доставува пратки со 4000 електрични комбиња

Дојче Пост ќе го зголеми двојно возниот парк од комбиња со електричен погон за достава на пратки, со што нивниот број ќе достигне најмалку 4.000. Возилата се од сопствено производство, голем број компании од земјата и од странство се заинтересирани за купување на возилата што поштата првично ги разви за своите потреби.

Комбињата со електричен погон стануваат неизоставни во возниот парк на Германската пошта. Од овие возила наречени Streetscooter, поштата моментно ангажира повеќе од 2.000 примероци во својот возен парк. Компанијата сега најавува дека уште во текот на оваа година бројот на електричните возила ќе биде зголемен најмалку двојно, на 4.000 примероци.

Комбињата со електричен погон се произведуваат во поранешната фабрика за вагони на Bombardier во германскиот град Ахен. Годишниот производствен капацитет при работа во две смени изнесува 10.000 возила.

Постои голем интерес кај компаниите во земјата и во странство за купување на возилата што поштата ги разви за сопствените потреби и ги произведува во сопствената подружница Streetscooter. Од Германската Пошта не ја исклучуваат можноста тоа да се случи во блиска иднина.

Користењето на комбињата со погон на струја е дел од планот на компанијата, емисијата на штетни материи што ја предизвикува логистиката за достава на пратки до 2050 година да се сведе на нула.

Како погон служи електромотор со моќност од 30 киловати, односно 41 КС, крајната брзина е ограничена на 80 km/h. Батериите со капацитет од 20,4 kWh се полнат за 7 часови на обичен приклучок од 220 волти (16А), досегот изнесува меѓу 50 и 80 километри зависно од товарот, сообраќајот и климатските услови. Димензиите на возилото се 4638 х 2090 х 2030 mm, додека товарниот простор има димензии 2000 х 1665 х 1190 mm, односно зафатнина од 4,3 метри кубни. Тежината на празно возило изнесува 1.420 килограми, носивоста е 650 килограми.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Ignis во светското финале за градски автомобил на годината

Opel најавува трет заеднички модел со PSA