за ,

Германија со 3 милијарди евра субвенција за електрични автомобили

Германската влада планира да издвои три милијарди евра до 2020 година за поттикнување на продажбата на електрични автомобили. Целта е еден милион автомобили на струја до крајот на деценијата.

Повикувајќи се на владини кругови, германски медиуми пишуваат дека државата ќе им покрие половина од трошоците на фирмите што ќе набават службени автомобили со погон на струја и за таа цел ќе издвои 3 милијарди евра за периодот до 2020 година. Дополнително ќе се инвестира и во натамошно истражување и развој, а ќе им се обезбеди поддршка и на производителите во поставувањето јавни полначи за струја за електромобили. Моментно се разгледува можноста во програмата за субвенционирање на електричните автомобили да се вклучат и возилата со погон на водород.

Планот е на германските патишта да има еден милион електрични автомобили до 2020 година

Причина за оваа дарежливост на државата е во слабата продажба на автомобилите со погон на струја на германскиот пазар. Според спроведените анкети меѓу германските возачи, ограничениот досег, високата цена и слабата инфраструктура од полначи за струја се најголемите пречки за помасовна популаризација на електричниот погон. Германската влада пред неколку години постави амбициозен план, до 2020 година на патиштата да има најмалку еден милион автомобили со погон на струја.

Во 2009 година германската држава веќе имаше една програма за субвенција. Тогаш беа издвоени дури 5 милијарди евра за замена на старите и купување нови автомобили, а програмата беше замислена и како поддршка на домашната автоиндустрија во времето на финансиската криза. Буџетот предвиден за тоа се потроши за само половина година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Специјална серија Dynamic Black за Volkswagen CC

Велосипедот на Jaguar му донесе рекорд на Бредли Вигинс