за ,

Германија издава специјални таблички за електричните автомобили

Сопствениците на електричен автомобил или плагин-хибрид можат да добијат специјални регистерски таблички за своето возило. Со тоа следуваат бесплатно паркирање и право за користење на лентата за јавен превоз.

Германија презеде значаен чекор во насока на поттикнување на интересот на возачите за електричните автомобили. Сопствениците на возила со погон на струја или со плагин-хибриден погон можат да побараат издавање специјални регистерски таблички, препознатливи по буквата Е на крајот од ознаката. Целта е на овој начин да им се понудат привилегии на возачите на електричните автомобили, како на пример бесплатно паркирање или возење по лентата резервирана за градскиот превоз.

Германските власти во јуни годинава донесоа закон за електромобилност со когошто се регулираат правилата за овие возила и на општините им се овозможува да воведуваат најразлични привилегии во рамките на својата територија на надлежност. Покрај електричните возила и возилата со погон на водород, во овој закон се опфатени и хибридните автомобили со надворешно полнење, односно т.н. плагин-хибриди, под услов нивната емисија на СО2 да изнесува под 50 грами на километар и истите да поседуваат автономија од најмалку 40 километри при погон исклучиво на струја.

Сојузниот министер за сообраќај Александер Дорбринт очекува дека оваа мера ќе ги анимира возачите да се решаваат за избор на електричен автомобил. Планот е до 2020 година на германските патишта да циркулираат еден милион автомобили со погон на струја. Со цел дополнително да се поттикне продажбата, сојузниот совет неодамна предложи „еколошка премија“ во висина од 5.000 евра при купување електричен автомобили, односно 2.500 евра премија за набавка на возило со плагин-хибриден погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Забавата почнува кога ќе се одземе едно тркало: Rewaco RF1

Светот го очекува милионитиот електричен автомобил