за

Германија ги проверува дизелите од странските автопроизводители

Дали Германија ја отвора пандорината кутија? Веќе е јавна тајна дека повеќето производители мамат за издувните гасови. Министерството за сообраќај започна со тестирање на дизелите на останатите марки, покрај Volkswagen.

Германија воведува режим на строга контрола, како последица од аферата со лажните вредности на издувните гасови и потрошувачката во Volkswagen. Министерството за сообраќај започнува со строги дополнителни тестирања на возилата со дизел мотор од останатите производители.

Се најавуваат и измени во самата постапка на тестирање на издувните гасови. Покрај вообичаените тестирања на пробна рампа, во иднина возилата ќе се тестираат и во реални услови на возење. Со овие построги тестирања ќе се добиваат вредности поблиски до возачкото секојдневие, односно ќе се исклучи можноста за искористување на пропустите во нормираната процедура за тестирање.

Околу сомнежите дека лажирањето на емисијата на штетни гасови е практика во целата бранша, германскиот министер за сообраќај Александер Дорбринт застанува во одбрана на домашните производители на автомобили: „Неумесно е целата автомобилска бранша да се става под сомнеж. Во Германија се произведуваат најсовремените, најиновативни и најдобри автомобили во светот. Но, јасно е дека бараме целосна транспарентност пред организациите за контрола.“

Од започнатото тестирање сепак е многу извесно дека конечно ќе излезе на виделина вистината дека Volkswagen е само мета на напади, како предводник на германската и европската автоиндустрија. Во политичката игра во меѓувреме е вклучен и Opel. Германското здружение за заштита на животната средина му измери на 1,6-литарскиот дизел на Opel дури 17 пати повисока емисија на азотни оксиди од нормираната. Opel, инаку, е европски огранок на американскиот General Motors. Кои други производители ќе бидат „откриени“ во тестирањето од страна на германското министерство за сообраќај, ќе се дознае многу скоро, веројатно веќе во истиот момент кога Volkswagen ќе добие нови обвиненија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Macan GTS: Спортски автомобил меѓу теренците

Музејот на Mercedes тргува со сопствените олдтајмери