Масовно произведуваните автомобили обично не се ценети меѓу колекционерите, освен кога будат носталгија или влегуваат во години и имаат преживеано, за разлика од повеќето автомобили од нивното време. Најдобар пример за тоа се обичните „буби“ од Волфсбург, кои на наддавањата од оваа и од другата страна на Атлантикот почнуваат да достигнуваат вртоглави суми. Дури и како ‘рѓосан крш.
Исто како Ford T-Model, којшто во периодот меѓу 1908 и 1927 година се произведе во 15 милиони примероци, Volkswagen Beetle со своите 21,5 милиони продадени примероци ги постави темелите за масовната моторизација низ целиот свет. Бубата остана на врвот на листата на најпродавани автомобили сé додека нејзиниот наследник Golf не ја презеде титулата во јуни 2002 година.
По завршувањето на втората светска војна, тогашниот шеф Ханјрих Нордхоф процени дека автомобилот има „повеќе грешки отколку што кучето има буви“. Но, до почетокот на 1960-те години, бубата веќе имаше стекнато имиџ на штедлив и исклучително издржлив автомобил, што беше соодветно проследено и со тогашниот рекламен слоган „и вози и вози и вози…“.
Тогаш никој не помислуваше дека таков секојдневен автомобил некогаш ќе стекне статус на баран олдтајмер на наддавањата на најпознатите аукциски куќи. Бубата во меѓувреме почна да достигнува астрономски вредности. Два автомобила веќе ја пробија границата од 100.000 долари, односно околу 95.000 евра. Вредности меѓу 50 и 90 илјади евра се сосема вообичаени веќе неколку години.
Оваа 'рѓосана буба од 1952 година неодамна се продаде за близу 60.000 евра
Во почетокот на февруари, во парискиот Sotheby’s беше продаден Volkswagen Typ 1 од 1952 година, по цена од 58.240 евра. Во апсолутно неставрирана состојба, со ‘рѓа на крилата и околу прозорците! Причината за високата цена е тоа што станува збор за еден од последните произведени примероци со дводелен заден прозорец, когошто првиот сопственик го презел на 4-ти март 1952 година во Стокхолм и го поседувал дури до 2014 година. Бројчаникот покажува само 77.000 километри, затоа што возилото во 1963 година било оставено во шупа, завиткано во ќебиња. Според кажувањата, по долевањето малку гориво, масло и со нов акумулатор, возилото стартувало веднаш откако било откриено. Како додаток, новиот сопственик добил и оригинален багажник за покрив и дрвени скии, коишто се две години постари од бубата.
Буба што изгледаше како штотуку да излегла од фабрика вредеше 78.000 евра за новиот сопственик
Втората највисока цена исто така е достигната на наддавање во Sotheby’s. Лани, Volkswagen Beetle Cabriolet од 1955 година доби нов сопственик по цена од 78.000 евра. Оваа буба не беше толку привлечна за тврдокорните колекционери: Таа беше реставрирана буквално до последната завртка и изгледаше како штотуку да е излезена од фабрика.
Најскапата буба е „Херби“ продадена за 120.000 евра
Највисока цена досега има достигнато прочуената филмска ѕвезда „Херби“, позната од петте продолженија на филмската серија започната во 1968 година. Оваа буба во 2015 година, во Палм Бич се продаде за 126.000 долари, односно околу 120.000 евра. Студиото Волт Дизни користеше 26 примероци од „Херби“ за целиот серијал, вклучувајќи и неколку макети заради специјални ефекти. Од нив преживеаја само неколку примероци, повеќето во жална состојба. Но, колекционерите секогаш се подготвени да посегнат подлабоко во џебот за овие возила.
Постојат бројни обиди кога сопствениците сакале да заработат прекумерно од своите автомобили. Аукциската куќа The Finest Automobiles Auction се прецени кога возило од KdF, предмарката на Volkswagen, стави на наддавање по почетна цена од 275.000 долари. Никој не беше заинтересиран да ја плати оваа сума за ова возило од типот 60 произведено во 1943 година.
Комбито Typ 2 веќе со години достигнува шестцифрени вредности
Наспроти тоа, шестцифрените вредности се вообичаени веќе подолго време за постарите и добро сочувани примероци од комби-моделот, којшто фабрички се води како Volkswagen Typ 2. Ценетата изведба Samba-Bus од 1967 година, со 21 прозорец, на наддавањето во САД достигне рекордни 143.000 долари (134.000 евра). Само еден ден подоцна, ист таков примерок, но шест години постар, во Париз го смени сопственикот за 284.000 евра.
Познавачите ценат дека старите комбиња на Volkswagen за кусо време во САД ќе почнат да достигнуваат исти вредности како моделите на Bugatti или Bentley. Комбито е особено ценето меѓу „децата на цвеќето“, односно хипи-генерацијата од 1960-те години, коишто на времето го користеа возилото како комплетно живеалиште. Многумина од вудсток-генерацијата денес тежат милиони и подготвени се да платат астрономски суми за комбито што им ги буди носталгичните сеќавања.
[FAG id=27300]