Новите автомобили од септември годинава ќе мора да поседуваат техничка заштита од враќање на километражата. Според процените, секој трет користен автомобил на пазарот има манипулирана километража, преку којашто продавачите заработуваат нечесно.
Измамите со враќање на километражата кај користените автомобили ќе бидат многу потешки во иднина. Новите модели од 1-ви септември 2017 мораат да поседуваат техничка заштита од враќање на километражата. Тоа отсега го пропишува типската хомологација според Одредбата 2017/1151 на Комисијата на ЕУ. Повеќе организации за заштита на правата на купувачите и автомобилски клубови, особено клубот АДАК, долги години наназад бараат возилата да поседуваат такво техничко решение.
Враќање на километражата е практика кај секое трето користено возило на европскиот пазар
Според процените на германската полиција, секој трет користен автомобил е со вратена километража. Со оваа измама во просек се заработуваат и до 3.000 евра повеќе од возило при неговата продажба. На германскиот пазар на користени автомобили, од кадешто се снабдуваат повеќето земји во нашиот регион, секоја година има по два милиони нови користени автомобили со вратена километража.
Во следниот чекор ќе се утврдуваат начините како производителите на автомобили ќе ја применуваат новата мерка против манупулација со километражата и како заштитата ќе се проверува во рамките на добивањето на типската хомологација за новите модели што ќе стартуваат со продажба по септември.
Чипови со таканаречени Hardware-Secure-Modules (HSM) веќе се вградуваат и можат да се користат како систематска заштита против враќање на километражата. Сепак ќе треба да минат долги години додека купувачите на користени автомобили го почувствуваат ефектот од заштитната мера, односно да бидат убедени дека не го преплатиле автомобилот.