за

Во хибридниот Mini Countryman работи техниката од BMW 225xe

Mini во почетокот на следната година ќе ја претстави втората генерација на кросоверот Countryman. За првпат во модел на британската марка на BMW ќе работи и плагин-хибриден погон. Платформата и хибридната техника на Countryman PHEV потекнуваат од ванот од серијата 2 на BMW.

Во марката Mini сé е подготвено за стартот на втората генерација на Countryman. Како и вообичаено за британската марка, изгледот останува верен на дизајнерското начело на „прамоделот“, со минимални промени од една во друга генерација. Каросеријата на кросоверот ќе порасне незначително, стилот ќе добие малку посериозна нота и ќе се напушти пластичниот шарм на актуелниот модел.

Палетата од мотори во Countryman ќе биде идентична со останатите моделски серии на Mini од генерацијата F56, со дијапазон на моќност од 100 КС во основната изведба до 231 КС во топ-моделот со традиционалната ознака John Cooper Works.

Напнатоста расте во Mini: Пристига првиот хибриден модел

Бидејќи Mini Countryman е технички близок со ванот Active Tourer од серијата 2 на BMW, односно ја користи истата платформа UKL, тој ќе биде и првиот модел на британската марка што ќе биде достапен со хибриден погон со можност за полнење на батериите дома. Бензинскиот мотор на плагин-хибридниот Countryman испорачува сила за предната оска, додека електромоторот се грижи за погон на задната оска.

Системска моќност од 224 КС во хибридната изведба на Mini Countryman

Без сложена техника и без карданско вратило, кросоверот на Mini на тој начин се претвора едноставно во автомобил со погон на сите тркала и за сите сезони. Кога контролата на стабилноста ќе препознае можност за настанување на пролизгување на погонските тркала го вклучува електромоторот заради дополнителна тракција при поаѓање или овозможување прецизно влегување во свијок.

BMW 225xe Active Tourer

Под хаубата на Mini Countryman работи трицилиндарскиот турбо-бензинец со зафатнина од 1,5 литар од BMW 225xe Active Tourer, со моќност од 136 КС и максимален вртежен момент од 220 њутнметри. За дополнителна тракција, но и за самостоен погон на кросоверот се грижи електромотор со моќност од 65 киловати, односно 88 КС. На тој начин се достига системска моќност од 224 КС и 385 њутнметри.

Раководејќи се според хибридот од серијата 2 на BMW, забрзувањето до сто би траело околу седум секунди, додека крајната брзина без проблеми би надминувала 200 километри на час. Со енергијата во батериите, хибридниот Countryman ќе може да вози до 50 километри во идеални услови, додека просечната потрошувачка според нормите за хибридни возила би изнесувала далеку под два литри.

Со „електрични“ 125 километри на час по автопат

Батерискиот модул под задните седишта испорачува струја за задната оска. Во стандардниот режим Auto e-Drive ќе може да се вози најбрзо 80 km/h, додека во режимот Max e-Drive ќе бидат можни и 125 километри на час. Акумулаторскиот пакет со капацитет од 7,6 киловатчасови и тежина од 160 килограми ќе се полн за два до три и пол часови, зависно од силината на струјата во полначот.

Преку копче во средишната конзола ќе може да се избира меѓу модусите Auto e-Drive, Max e-Drive и Save Battery. Хибридниот кросовер по притискањето на жолтото копче за старт секогаш ќе поаѓа со помош на електромоторот, додека бензинецот ќе се приклучува отпосле, кога батериите ќе се подиспразнат или кога возачот ќе побара повеќе моќ.

Од ниската положба на батериите и дополнителното снижување на тежиштето на возилото ќе профитираат и возните својства на Mini Countryman со две срца. Кога ќе стартува продажбата и колку ќе чини првиот хибриден Mini, Британците уште не откриваат.

[FAG id=25855]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шампионска серија на BMW M4 во чест на титулата во DTM

Aston Martin DB5 е прв олдтајмер продаден преку социјални медиуми