за

Во Франкфурт ноќе само со 30 километри на час

Може ли македонската престолнина, окупирана од автомобили, да го примени примерот од Франкфурт и другите европски градови?

Возачите во Франкфурт на Мајна отсега смеат да возат најбрзо 30 километри на час на четирите главни сообраќајници во градот. Во наредниот период ќе се проверуваат ефектите од строгото ограничување.

На четири главни сообраќајници во германскиот град Франкфурт отсега смее да се вози најбрзо со 30 километри на час во ноќните часови. Со тест-проектот, градот сака да стекне сознанија, колку овие мери ќе им помогнат на жителите коишто се жалат на преголемата бучава од сообраќајот на улиците. Проектот засега ќе се протега само на одредени делови од четирите улици.

Акцијата ќе стартува на 25-ти мај, кога брзината ноќе ќе биде ограничена прво на 50 километри на час. Дури еден месец подоцна, односно на 22-ри јуни, ќе започне да важи ограничувањето на темпо 30, во периодот од 22 до 6 часот. Сообраќајните техничари ќе ги мерат волуменот на сообраќајот, брзината и бучавата. До крајот на јуни ќе се знае дали градот ќе воведе ограничувања и на останатите улици. Министерот за сообраќај Тарек Ал-Вазир претходно даде зелено светло за проектот: „Постојано дискутираме околу намалувањето на брзината во град, како мера за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на загадувањето од издувни гасови и на бучавата.“

Фото: Build.mk. Од проширувањето на бул. М.Т. Гологанов во Козле
Фото: Build.mk. Од проширувањето на бул. М.Т. Гологанов во Козле

На главна сообраќајница во германскиот град Дармштат, брзината ноќе се ограничува на 30 километри на час уште од 2012 година. Тоа се покажа како ефективна мера и граѓаните повеќе не се жалат на прекумерната бучава од возилата.

Урбаниот шарм во Скопје се заменува со бездушност на автопат

Кај нас уште не се пристапува сериозно на признавањето и разрешувањето на овој проблем, иако дури и одењето пеш по повеќе улици веќе станува премногу непријатно. Булеварот Илинденска, на пример, во делот од Влада до „Фонтана“ во отсуство на дрвја што би го „кршеле“ звукот, наликува на одење среде тунел, поради одбивањето на звуците од возилата од фасадите на блиските објекти и дополнителното мултиплицирање на бучавата. Истиот непријатен интензитет се доживува и на делот од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Карпош, каде што тротоарите се веднаш покрај возилата, наместо да постои зелен појас меѓу улицата и пешачката зона, како на „Партизанска“ или на некогашната „Илинденска“. Тоа се само неколку од критичните зони во Скопје, во коишпто се губи урбаниот шарм и истиот се заменува со бездушност на автопат. А, каква е ситуацијата на Вашата улица? Вашите коментари се добредојдени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi претстави нов дволитарски бензинец: Помалку од 5,0 l/100 km

Зошто на Opel итно му е потребна нова Astra