за

Во новиот хибрид на Nissan моторот е само за помош

Во хибридниот погон, обично електромоторот е тој што му „помага“ на моторот. Кај новиот хибриден погон на Nissan е обратно. Моторот во e-Power се користи само за погон на генераторот, кој обезбедува струја за електромоторот. Главните компоненти на e-Power потекнуваат од електричниот Note, за цената да биде попристапна, но и штедливоста е пристојна.

Светскиот шампион во електричниот погон, со повеќе од 250.000 продадени примероци од Leaf од лансирањето во 2010 година, се враќа чекор назад со новиот хибриден погон во Nissan Note e-Power. Место вообичаен хибрид со приклучок за полнење на батериите, e-Power претставува сериски хибрид. Тоа значи дека 1,2-литарскиот бензинец со три цилиндри и 80 КС воопшто не е поврзан со предните тркала, туку има единствена задача да го движи генераторот, кој понатаму испорачува струја за електромоторот.

Nissan Note e-Power

Тој, пак, потекнува од Nissan Leaf, што значи дека се работи за електромотор со моќност од 80 киловати, односно 109 КС, со вртежен момент од 254 њутнметри. Место скапи, тешки и големи батерии, на Nissan Note e-Power му е доволна една десетина од батерискиот капацитет на Leaf. Со тоа, потребниот батериски модул е доволно компактен да се смести под предните седишта. Секое сопирање или одземање гас ги полни батериите, за моторот да здивне повремено во задачата да произведува струја за електромоторот.

BMW i3 исто така користи сериски хибрид при доплата за т.н. Range-Extender

Во основа, BMW i3 исто така претставува сериски хибрид, во верзијата со дополнителен бензински мотор со два цилиндри, којшто и кај него служи како „генератор“, со таа разлика што баварскиот компакт располага со значително поголем батериски капацитет. Претходната генерација на Opel Ampera е уште еден сериски хибрид, исто како и Fisker Karma, првиот комерцијален автомобил со овој погон.

Nissan Note e-Power

Достигнувањето на Nissan е во тоа што успеа да го комбинира серискиот хибриден погон со релативно мал и евтин мотор. Тоа што изгледа како чекор назад, всушност е солиден чекор напред. Компактниот ван Note во верзијата со хибриден погон e-Power, според јапонските норми троши 2,7 литри на сто километри, додека цената на домашниот пазар му изнесува околу 1,8 милион јени, односно околу 15.500 евра. Nissan Note e-Power ќе се продава само на јапонскиот пазар, но не е исклучено дека новата Micra наскоро ќе го понуди овој хибриден погон и во Европа.

[FAG id=26181]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda Octavia отсега гледа со четири очи

Нов светски рекорд на Нирбургринг – на две тркала