за ,

Во Европа секој ден се продаваат по 500 електрични автомобили

еколошките автомобили британија

Планови за забрана на моторите со внатрешно согорување по 2030 година, забрани за влез со стар дизел во градските центри и поставување полначи за струја насекаде? Тоа што од гледиште на нашиот возен парк и особено животен стандард изгледа неразбирливо, по улиците на европските метрополи е веќе реалност. До октомври се продадоа над 140.000 возила со погон на струја.

Секој ден по 530 нови електрични и плагин-хибридни возила се појавуваат по европските патишта. Од почетокот на годинава се продадени вкупно 142.982 возила што за погон користат електрична енергија, било да се тоа чисто електрични, „батериски“ возила, или таканаречени приклучни хибриди, кои обично можат да извозат околу триесетина километри со енергијата во батериите – повеќе отколку што изнесува дневниот просек на европските возачи.

Европа веќе сигурно вози на бранот на електромобилноста. Некои држави бележат фантастични вредности на пораст во продажбата на обата вида електрични возила. Во Австрија во првите девет месеци се продадоа 3.765 возила или за 161% повеќе отколку во истиот период лани. Во Белгија порастот исто така бележи трицифрена вредност, со 139 проценти и близу 7.000 продадени електромобили. Од поголемите пазари за овие возила, особено импресионира Шведска, со 9.407 возила и раст од 84 проценти, исто како и Шпанија, кадешто се продадени 2.452 електрични автомобили или за 82% повеќе отколку во првите девет месеци лани.

Секој трет нов автомобил во Норвешка е електричен автомобил

Во просек, европските држави годинава имаат зголемување во продажбата на електрични автомобили за 22 проценти. Апсолутен шампион е Норвешка, на којашто отпаѓа речиси една петина од вкупната продажба на електромобили во Европа. Тоа не е изненадување, затоа што во меѓувреме секој трет продаден автомобил во земјата е со електричен погон. Наспроти тоа, во само единаесет држави во ЕУ и регионот уделот на електромобилите е над 1 процент. Шведска е втора на листата на држави со најголем електро-удел, со 3,5 проценти, потоа следат Холандија со 2,8% и Швајцарија со 1,8 процент.

Динамика на продажба на електрични возила во ЕУ и регионот по години; BEV = „батериски“ електрични возила, PHEV = плагин хибриди, приклучни хибриди
Динамика на продажба на електрични возила во ЕУ и регионот по години; BEV = „батериски“ електрични возила, PHEV = плагин хибриди, приклучни хибриди

Соодносот меѓу „батериските“ и хибридните електромобили не е ист во сите држави. Во Австрија, на пример, дури 77 проценти од продадените 3.765 возила годинава отпаѓа на батериски возила, Франција исто така има висок удел со 74% – благодарение меѓу другото и на „електроспецијалистот“ Renault, додека во Шведска, Финска, Велика Британија или Холандија, поголем дел од електричниот возен парк отпаѓа на приклучни хибриди.

Од државни субвенции во висина од неколку илјади евра до бесплатни полначи

Секоја држава применува различни стратегии за поттикнување на продажбата на електричните возила, од една страна со државни субвенции во висина од неколку илјади евра при набавката на електромобил, од друга страна во секојдневието, со бесплатно користење на јавните полначи за струја и бесплатно паркирање, ослободување од годишниот данок за автомобил или можност за користење на сообраќајната лента што е предвидена за јавниот превоз.

Во табелата е комплетен преглед на соодносот во силите меѓу државите во ЕУ и регионот, во електромобилноста.

Септ. ‘16 (1) Тренд (2) 2016 (3) Тренд Удел ‘16 (4) Удел на BEV (5)
Вкупно Европа 23214 50% 142982 22% 1,2% 46%
Норвешка 4551 72% 33745 36% 29,1% 53%
В. Британија 6124 77% 28702 36% 1,3% 28%
Франција 2629 17% 21665 40% 1,4% 74%
Германија 2996 56% 16700 13% 0,7% 45%
Шведска 1591 161% 9407 84% 3,5% 22%
Холандија 1701 -34% 8010 -57% 2,8% 35%
Белгија 989 221% 6962 139% 1,6% 22%
Швајцарија 671 42% 4145 3% 1,8% 58%
Австрија 584 289% 3765 161% 1,5% 77%
Шпанија 204 -30% 2452 82% 0,3% 48%
Италија 220 72% 1836 13% 0,1% 50%
Португалија 220 106% 1280 75% 0,8% 44%
Финска 146 112% 1016 97% 1,1% 16%
Данска 283 20% 748 -64% 0,4% 86%
Исланд 105 84% 672 75% 4,2% 37%
Ирска 42 133% 638 23% 0,5% 58%
Луксембург 35 133% 228 70% 0,6% 45%
Чешка 45 96% 225 -32% 0,1% 60%
Полска 5 -83% 135 -32% 0,0% 17%
Словенија 37 147% 132 8% 0,3% 69%
Романија 14 100% 83 84% 0,1% 20%
Унгарија N/A N/A 75 -47% 0,1% 67%
Турција 3 -50% 68 -58% 0,0% 56%
Литванија 4 0% 66 78% 0,4% 82%
Естонија 2 -33% 56 37% 0,3% 88%
Хрватска N/A N/A 55 -37% 0,2% 75%
Грција 10 N/A 37 640% 0,1% 73%
Латвија 3 -40% 36 80% 0,3% 75%
Кипар N/A N/A 20 -13% 0,2% 25%
Словачка N/A N/A 19 -77% 0,0% 100%
Бугарија N/A N/A 4 -60% 0,0% 100%

Појаснувања за табелата:

(1) Продажба на електрични автомобили во септември 2016

(2) Тренд на продажба во споредба со септември лани

(3) Вкупна продажба на електрични автомобили од јануари до септември 2016

(4) Удел на електрични автомобили во вкупната продажба на возила во земјата

(5) BEV = Електрични возила со погон на батерии; PHEV = Приклучни хибридни возила, плагин-хибриди; Удел на BEV во вкупната продажба на електромобили (BEV + PHEV)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продажбата на електрични автомобили во Шведска во раст од 67%

Не мора секогаш да биде кабриолет: 50 спортски мотоцикли во музејот на Audi