за

Во Данска се продава цел музеј на марката Austin

Најголемата колекција од возила од марката Austin во светот е понудена на наддавање. Љубителите на одамна згаснатата британска марка се во еуфорија, но сопственикот на колекцијата има поставено еден услов. Се продава целата колекција, не и одделните возила.

Mарката Austin има испишано дебели поглавја од историјата на британската автоиндустрија, со модели како Mini, 1100, „лондонското такси“ FX4, А40 или Alegro. Но, и марката веќе одамна е замината во историјата. Нејзините култни модели сепак наидуваат на бројни обожуватели, па неретко и колекционери. Еден од нив реши да го продаде својот музеј посветен на Austin.

Според сопственикот Стефан Волфбрант, станува збор за најголемата колекција на возила од марката Austin во светот. Музејот лоциран на данскиот остров Самсо располага со површина од 1.200 метри квадратни, на којашто се изложени 47 автомобили и сета пратечка литература, постери, табли, играчки.

Оваа огромна пасија за британската марка датура од 1985 година, кога Волфбрант набавува Austin A3 од 1957 година, купен евтино на отпад и потоа реставриран за релативно малку пари. Откако станува капетан на пристаништето на островот Самсо, кој е популарна туристичка дестинација, Волфбрант воочува можност да отвори музеј за своите возила. Оттогаш колекцијата се обновува постојано. Голем дел од возилата и предметите во музејот се донирани од сопственици и љубители на Austin. Повеќето автомобили се наоѓаат во оригинална состојба и не се реставрирани.

Причината поради којашто Волфбрант реши да ја продаде својата колекција е од даночна природа. Данските власти го водат музејот само како хоби на Волфбрант, не како претпријатие, поради што мора да се плаќаат превисоки даноци. Парите од продажбата на музејот ќе бидат наменети за локална фондација. Музејот се продава само целосно, без можност за наддавање за одреден автомобил. Највисоката понудена вредност моментно изнесува 301.000 дански круни, што одговара на близу 40.500 евра. Вредноста расте секојдневно, до крајот на наддавањето остануваат уште триесет денови.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бестселерот во свежа форма: BMW ја стартува новата генерација на серијата 5

Батериите на електромобилите поевтинуваат, досегот расте