Врз основа на MAN TGS со погон на шест тркала е изведено ова експедициско возило од марката Unicat во којашто веруваат авантуристите. Тоа што нормалните го немаат: Резервоар за 1.050 литри гориво, соларен колектор од 2 киловати на покрив, трицилиндарски дизел како генератор за струја.
Специјалистот за изработка на експедициски возила од германскиот Детенхајм повторно повикува на авантура. Последниот „модел“ на Unicat е изработен врз основа на MAN TGS 6×6 и се води како MD77h. Моќноста од 540 КС се распределува преку разделен преносник со теренска редукција и мануелно вклучување на погонот на предната оска. Блокада во предниот и задниот диференцијал не отсуствува, исто како и контрола на притисокот во гумите, приклучок за компримиран воздух и двокоморен резервоар за гориво со зафатнина од 1.050 литри.
Квалитетот на дизелот е неважен. Во снабдувањето со гориво се користи загреван груб филтер за нафта и филтер за вода. Unicat располага и со сопствена бензинска станица за „пратечките“ возила, со зафатнина од 125 литри и со посебна пумпа за точење.
Штитник за гранки е стандард кај овие возила, исто како и издржлив носач за багаж на покривот, изработен од алуминиумски цевки. Четирите светла и работните светилки не се за украс.
Во освојување на светот со сопствен дом на тркала
Седиштата од Recaro се во комфорна варијанта, со пневматска амортизација, грејачи и обложени се со кожа. Електрика за прозорците, клима уред, централна брава со далечинска команда и дополнителна топлинска и звучна изолација се грижат за комфор на долгите патувања. Четири камери со висока резолуција и една камера за рикверц го покриваат целиот простор околу Unicat. Има и инфрацрвена камера. Компасот веројатно е поважен од вградената сателитска навигација.
Висината на еластичната носечка рамка се мести, за да се постигне максимално растојание од подлогата или најниска можна висина. Целата надградба е долга 7,7 метри и изработена е од плексиглас. За премин во возачката кабина служи „хармоника“.
Подно греење во купатилото
Веднаш зад кабината се наоѓаат четирисед и ротирачка маса што се спушта со електромотор. Софата по потреба се претвора во двоен лежај. Назад се наоѓа спална соба со два единечни лежаи, со амортизација, вентилација оздола и грејачи. Купатилото од возачката страна има подно греење, одвоен тоалет и туш, а не недостига и машина за перење. Кујната меѓу другото е опремена со електрична дробилка за отпад и печка.
Заради ниската тежина, мебелот е изработен од бамбус, но затоа за бродскиот под се користи тиково дрво. Скапа алкантара ги покрива ѕидовите и таванот.
Техничката опрема не заостанува. Целиот „станбен“ простор се напојува од AGM батерии. Вградени се два трансформатора/полначи со трајна моќност од 6 киловати, додека на покривот се наоѓа 24-волтен соларен колектор со 1.920 вати. За снабдување со струја се користи трицилиндарски дизел генератор.
Караван Салон Диселдорф: На кого уште му е потребен недвижен дом?
Водата за пиење е сместена во четири резервоари со четири пумпи и вкупна зафатнина од 1.170 литри. Назад се наоѓа и подвижна платформа за мотоцикл.
Цената? Во споредба со приватен авион, ситница.