за

Возила со бесклучен систем се мамка за крадците, предупредува Auto Bild

Германскиот магазин Auto Bild ја проверуваше безбедноста на возила опремени со бесклучен систем. Во девет од десетте модели на тестот, лажните крадци можеа лесно да се одвезат со пленот.

Нема кршење прозорец, уништување на контакт-бравата, нема потреба ниту од изработка на копија од клучот од возилото. Криминални банди можат за само 30 секунди да го украдат возило опремено со систем за пристап и стартување на моторот без клуч, таканаречениот Keyless Entry. Магазинот Auto Bild пишува дека во Германија веќе постојат над 100 случаи во кои возилото буквално им било послужено на крадците. Во првото издание во оваа година, Auto Bild го објавува тестот на сигурноста од кражба на десет актуелни модели опремени со систем Keyless Entry.

Клучот кај овие возила може да остане во џебот или во чантата на сопственикот и бравата се отклучува автоматски кога ќе препознае дека клучот е во близина. Возачот не мора да го користи клучот ниту за стартување на моторот, сето тоа се одвива на копче. На овој начин се олеснува користењето на возилото, но им се олеснува и работата на крадците.

besklucen sistem grafika
На сликата: ВАКА ФУНКЦИОНИРА ТРИКОТ СО КУФЕРОТ; ЗАМИСЛЕНО ЗА ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ И ПОЛИЦИЈАТА, НО… По допирањето на рачката на вратата, автомобилот испраќа сигнал до клучот, кој во нормален случај е оддалечен само еден метар. Но, системот со куфер го продолжува сигналот и до оддалечениот клуч, кој испраќа сигнал за отклучување. Овој сигнал исто така се продолжува

Криминалците користат таканаречени зголемувачи на досегот за фаќање на радио сигналите меѓу автомобилот и клучот, кои обично досегаат најмногу два или три метри, и ги засилуваат истите. На тој начин, сопственикот на автомобилот може да седи во кафуле, оддалечен само стотина метри од возилото, или пак во домот, додека крадците во истиот момент го отклучуваат неговото возило и си заминуваат со пленот, без сопственикот да забележи било што.

На тестот на Auto Bild се најдоа десет модели од марките BMW, Mercedes, Renault, Volvo, Mazda и Volkswagen, опремени со систем за бесклучен пристап. Магазинот користеше зголемувач на досегот на радио брановите, каков што обично се наоѓа во примена кај тајните служби. Овој продолжувач на досегот се состои од два дела, кои можат да се сместат во обична актовка. Едната актовка се поставува во близина на клучот, другата актовка покрај автомобилот.

Кај речиси сите модели се повторуваше истата слика: Вратите од возилото се отклучуваат за само неколку секунди, а потоа и моторот се стартува без проблем. Тестот го помина успешно единствено Mercedes C 300 Coupe, само затоа што копчето за стартување и приемникот во него се отстрануваат од возилото и се користи ретка радио фреквенција за прием и предавање на радио сигналот. Покрај тоа, овој модел е опремен само со систем за стартување без клуч. Вратата се отклучува како и вообичаено, преку копче во клучот.

Најмногу загрижува фактот што не мора да се користи професионален зголемувач на досег вреден 35.000 евра, туку со малку познавања може и самостојно да се изработи уред по цена од стотина евра. Auto Bild контактираше со производителите во врска со овој сериозен проблем, но доби разочарувачки одговори. Производителите на автомобили не планираат да го надминат овој проблем во блиска иднина.

Решението е сопственикот да се погрижи да го „сокрие“ клучот од крадците. Тоа може да се постигне ако клучот се остави во домот во метална кутија, во ладилникот или ако клучот се обвитка со алу-фолија. На тој начин не може да се доспее до сигналот од клучот. Најдоброто решение што го предлага магазинот е воопшто да не се нарачува овој систем при купување на возило или истиот да се онеспособи во сервисната работилница на марката.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најгрдиот автомобил во светот им се здодева и на сопствениците

Mercedes петта година по ред ги урива сопствените рекорди