за

Возењето со снег на покрив е опасно

Очекувани се нови врнежи од снег, на возачите им претстои ново ослободување на возилата од „белиот ѓавол“. Многумина возачи го оставаат снегот на покривот, но тоа може да биде многу опасно.

Снегот и автомобилот не се совршена двојка. Возењето на снег бара големо внимание, а додека се појде претстои мачно „ослободување“ на возилото. При последните снежни врнежи можеше по улиците да се забележи огромен број возила со неисчистен снег од покривот. Некој го остава снегот заради мрзеливост, некој можеби мисли дека така ќе му биде потопло во кабината, небаре е ескимско игло, некој трет којзнае што мисли дека добива од тоа.

Овие „ескими“ или „тенкисти“ што би возеле и низ линија на ветробранот што е слободна за погледот сепак се доведуваат во голема опасност и себеси, но и другите учесници во сообраќајот. Кај нас постои само препорака за ослободување на возилото од снег, додека во повеќето земји следува казна доколку со неисчистено возило се учествува во сообраќајот. Очигледно дека не станува збор за безопасен чин. Но, каква опасност постои од тоа?

Снегот не е „залепен“ за покривот. Доволно е само малку посилно сопирање, за целиот куп снег да се најде врз ветробранот. Во таква ситуација, кога возачот одненадеж го губи целото видно поле пред себе, многумина постапуваат панично. Некој ќе „заборави“ да запре и ќе удри во возилото пред себе, друг ќе запре нагло и ќе предизвика верижен судир зад себе, некој ќе го заврти воланот нагло и ќе им се препречи или на возилата отспротива или пак ќе се качи на тротоар и ќе ги доведе пешаците во голема опасност.

Покрај тоа, при подолго возење таванот на возилото се загрева под дејство на топлиот воздух во кабината и предизвикува топење на снегот, односно создавање тенок слој вода меѓу металот и снегот. Во такви услови дури и не е потребна дополнителна сила да провоцира лизгање на снегот, тој едноставно ќе падне врз ветробранот. Снегот на покривот ги доведува во опасност и возачите зад себе. Под дејство на струењето на ветрот, снегот може одненадеж да се распрска врз ветробранот на возилото одзади, па дури и целосно да излизга пред истото.

Најголема опасност постои од снегот на покривот на товарните приколки или автобусите, за коишто сепак постојат построги правила доколку возачот не се погрижи да го отстрани снегот. Затоа, при возење зад товарни возила во отежнати услови треба особено да се внимава.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Светски рекорд на идиоти: Групно чадење гуми на 103 автомобили

Pixi со три системи и новитети од Palm