за ,

Водородна Honda: Јапонците повторно ќе владеат со автомобилскиот свет

Погонот на водород е новата играчка на јапонските инженери. По Toyota, сега и Honda најавува сериски автомобил со погон на водород, кадешто целата горивна ќелија е сместена во просторот за мотор.

Некои ѕидови се подебели и потребно е подолго време за нивно пробивање. Тоа најдобро го знаат техничарите што работат на погонот со горивни ќелии, на водородните автомобили. Врвни експерти веќе со децении се занимаваат со предизвикот да го претворат водородот во струја за електромоторите, за како резултат од процесот на „согорување“ да се добијат само врел воздух и водена пареа. Постојат стотици примери што докажуваат дека овој погонски концепт функционира беспрекорно, но најголемиот проблем и натаму останува цената на техниката и неразвиената мрежа од станици за полнење водород во автомобилите.

4151028_014HСитуацијата веќе се менува. По Toyota, сега и Honda планира во голем стил да стартува со сериско производство на овие автомобили. Досега, Honda ја тестираше техниката во малата серија возила со ознака FCX Clarity. Најголемото прашање што се поставува пред скорешниот старт на продажбата на новиот Clarity Fuel Cell: Дали Honda ќе го презеде лидерството во водородниот погон од Toyota?

Автомобилот што ќе помогне во пробивот на водородниот погон е елегантна петметарска лимузина со аеродинамична форма, која од следната година ќе го замени моделот FCX Clarity што се произведе во помалку од 100 примероци. Наследникот Clarity Fuel Cell вози со карбонски резервоари за водород, кој реагира со кислородот во мембраните што се обложени со платина и притоа помага да се предизвика движење на електроните, односно да протече електрична енергија. Добиената струја се складира привремено во литиум-јонските батерии под возачкото седиште и го задвижува електромоторот со моќност од 177 КС, задолжен за погон на предната оска. Досегот изнесува 700 километри, резервоарот се полни со водород за само 3 минути. Според овие два критериума, водородниот погон е супериорен наспроти класичниот погон на батерии.

Прв водороден автомобил со комплетна горивна ќелија сместена под хаубата

Додека под хаубата се одвиваат процеси за чиешто детално разбирање е потребна универзитетска диплома по хемија и физика, зад воланот е исто како и досега, односно водородната Honda се вози како и секој автомобил со конвенционален погон, односно како секој електричен автомобил. На електромоторот му е сеедно дали струјата доаѓа од батерии или од мини-електрана сместена во просторот за мотор. Единствената разлика во споредба со „батериските“ електрични автомобили се тивките шуштења и пиштења во кабината, кои произлегуваат повремено од работата на водородниот погон.

4151028_001HИнженерите на Honda се особено горди на фактот што успеаја водородната техника да ја сместат на минимум простор и на тој начин да добијат исклучителна просторна понуда во кабината на автомобилот. Модулот од горивни ќелии е смален за една третина, па целиот погон не одзема повеќе простор од класичниот 3,5-литарски мотор V6 на Honda и сместен е комплетно под хаубата. Тоа е предноста на Honda наспроти Toyota Mirai. Литиум-јонските батерии се поставени под предните седишта, додека резервоарите со водород под притисок се покрај задната клупа.

Техничарите на Honda тврдат дека цената на горивната ќелија ја намалиле за 90 проценти

Најголемиот напредок сепак е цената на погонот. Со ограничената примена на скапата платина, цената на горивните ќелии е смалена за цели 90 проценти. Тоа секако го поевтинува автомобилот и неговата цена ја доведува до ниво на класичните електрични автомобили, со 7,66 милиони јени, односно 57.600 евра за јапонскиот пазар. Honda планира водородниот автомобил во почетокот да го нуди во Европа само под услови на лизинг, што е повеќе привлечно за корисниците. Условите се поразлични на пазарот во САД и Јапонија, каде што погонот добива силна политичка поддршка и Honda очекува за кусо време да пласира стотици и илјадници примероци од својот водороден автомобил.

Водородната Honda доживеа премиера на салонот во Токио, а пазарниот старт во Јапонија се очекува најрано кон завршетокот на март 2016 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen инвестира 900 милиони долари за пазарот во САД

Mercedes стартува со производство на GLC во Кина